full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Ferrari го претстави својот прв SUV – запознајте го Purosangue!

Ferrari кажува дека Purosangue е првиот модел со четири врати и четири седишта во историјата на брендот – а ние кажуваме дека е SUV. Но сепак, тоа е SUV во врескачки атмосферски V12 кој испорачува 725 коњски сили и забрзува до 100 километри на час за 3.3 секунди!

Сепак, важно е да се знае како Ferrari го позиционира Purosangue. Не само што италијанскиот бренд се оддалечува од ознаката SUV, туку извршниот директор на Ferrari, Benedetto Vigna кажува дека „Не го викаме SUV. Всушност, не ни зборуваме за SUV модели.“

Основата на Purosangue е 6.5-литарски атмосферски V12 кој испорачува 725 коњски сили при врескачки 7750 вртежи во минута и 716 Nm вртежен момент од 6250 вртежи во минута. Силата ја пренесува преку 8-брзински F1 DCT менувач кон сите четири тркала, а резултат на сето тоа е катапултирање до 100 километри на час за 3.3 секунди, како и максимална брзина која е повисока од 310 километри на час.

Дизајнот е воден од Ferrari Roma, но дизајнерите на Ferrari очигледно го преинтерпретирале во поинаков, поголем формат. Сепак, ќе ги пофалиме – за SUV, Purosangue изгледа навистина добро и би рекле дека повеќе изгледа како моќен и агресивен хечбек отколку како конвенционален SUV – и по природата на нештата, би рекле дека тоа е добра работа. Препознаваме големи, широки отвори за воздух, но истовремено и чисти, скулптурирани линии кои успешно ја сокриваат големината (и тежината) на Purosangue.

Интересно, Purosangue навистина има четири седишта – нема задна клупа, туку две засебни задни седишта. За полесен пристап кон нив, задните врати се отвораат наназад, а кабината е темелно спортска и доминираат спортските детали. Пред возачот доминираат спортскиот управувач и дигиталните инструменти, а свој дисплеј добива и совозачот. Формите во кабината се нови за Ferrari и препознаваме целосно нова интерпретација на интерфејсот меѓу возачот и автомобилот.

Но сепак, зборуваме за Ferrari – и сигурни сме дека Purosangue не само што ќе ги исполни, туку и ќе ги надмине очекувањата. Моторот е истуркан наназад, поставен скоро меѓу возачот и совозачот, додека менувачот е во задниот дел. Идеалната дистрибуција на тежината, како и врвните технологии кои Ferrari ги користи за Purosangue гарантираат дека новиот „не-е-SUV“ на Ferrari ќе биде достојна конкуренција на веќе мега-популарните Lamborghini Urus, Porsche Cayenne и Aston Martin DBX, но и Bentley Bentayga.

Цените за Purosangue започнуваат од 390.000 Евра (без локалните давачки).

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.