full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Hyundai RN22e – иднината на електричните перформанси во Hyundai има 576 коњски сили!

Hyundai ја забрзува електрификацијта, но тоа не значи дека N-дивизијата ќе остане со празни раце. Баш напротив!

Вчера Hyundai ги објави финалните спецификации за новиот Ioniq 6, а денес веќе гледаме како би изгледала N-верзијата од новиот електричен седан. Првиот од двата модели кои Hyundai ни ги покажа се вика RN22e – и со овие модели Hyundai ги најавува идните автомобили со високи перформанси.

RN22e е поставен на истата E-GMP платформа како и новиот Ioniq 6, а тоа всушност зборува многу за модуларноста и перформансите кои можеме да ги очекуваме од оваа платформа во иднина. Електричниот концепт користи два електромотори и батерија со капацитет од 77.4 kWh за да испорача 576 коњски сили и 740 Nm вртежен момент.

Силата ја пренесува кон сите четири тркала – по еден мотор е поставен на секоја оска, а концептот користи (сега за сега сè уште таен) систем за векторирање на вртежниот момент и возачот може да избере како ќе го подели вртежниот момент меѓу предната и задната оска.

Инженерите на N-дивизијата на Hyundai отишле и чекор понатаму, и сакаат да вратат дел од исксутвата кои недостасуваат кај електричните возила во однос на конвенционалните – па затоа е вграден N Sound+ систем кој генерира специјален звук преку внатрешно и надворешно поставени звучници, а додадени се и дополнителни вибрации кои треба да симулираат менување брзини – сето ова со желба да се понуди што е можно поавтентично возачко искуство.

„N се движи нанапред кон поставување нови стандарди кога станува збор за одржливи перформанси. Ентузијастички го започнуваме ова ново поглавје на електрифицирани високи перформанси и ќе се стремиме кон оваа цел со користење на нашата креативност, инженерска експертиза и натпреварувачки дух.“ – изјави Till Wartnerberg, одговорниот за N-брендот во Hyundai.

На одличен пат се, нели?

 

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.