Официјално: Hyundai целосно го претстави електричниот Ioniq 6 – ќе може да помине повеќе од 600 километри со полни батерии! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално: Hyundai целосно го претстави електричниот Ioniq 6 – ќе може да помине повеќе од 600 километри со полни батерии!

Откако неодамна Hyundai ги објави првите фотографии од Ioniq 6, денес корејскиот бренд ги објави официјалните спецификации на новиот електричен седан.

Hyundai ќе понуди неколку различни изведби на новиот електричен седан. Основната верзија ќе добие батериски модул со капацитет од 53 kWh и задно-поставен електромотор кој ќе испорачува околу 215 коњски сили. Оние на кои им е потребна поголема автономија ќе можат да нарачаат верзија со батерија со капацитет од 77.4 kWh, која нуди автономија од 610 километри според WLTP мерењата.

Дополнително, верзијата со поголема батерија ќе може да се нарача со погон на задните или на сите четири тркала. Врвната верзија ќе располага со 325 коњски сили и 605 Nm вртежен момент, благодарение на кои Ioniq 6 ќе може да забрза до 100 километри на час за само 5.1 секунда.

Секако, Ioniq 6 изгледа фантастично – Hyundai навистина го погоди дизајнот на своите електрични модели. Долгата, ниска силуета гарантира одлична аеродинамика (коефициентот на отпор е само 0.21), а од Hyundai кажуваат дека дизајнот на Ioniq 6 има „чисти и едноставни линии со чиста аеродинамична форма кои дизајнерите ја опишуваат како Емотивна Ефикасност“. Дополнително, од Hyundai напоменуваат дека дизајнот на Ioniq 6 ќе го издвои брендот од другите, а најавуваат дека и идните електрични модели на Hyundai ќе имаат храбри и препознатливи дизајни.

Инаку, Ioniq 6 е поставен на E-GMP платформата на Hyundai Motors која овозможува 400 и 800-волтно полнење. Ioniq 6 ќе може да се полни со максимална моќност од 350 kW, што пак значи дека полнење од 10 до 80% ќе трае само 18 минути.

Поврзано:   Hyundai го освежи Bayon за 2024 година


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.