ПРЕМИЕРА: Peugeot 408 е нов вид на автомобил! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Peugeot 408 е нов вид на автомобил!

Со новата форма, динамичниот дизајн и технолошките одлуки позади 408, Peugeot самоуверено отвора целосно нов сегмент на автомобили!

Во хиерархијата на Peugeot, новиот 408 е поставен некаде меѓу 308 и 508, но и меѓу 308 и 3008 – а тоа кажува дека новиот автомобил ќе се натпреварува во два сегменти, односно дека најверојатно поставува целосно нов сегмент. Во суштина, 408 е кросовер-купе, но ја избегнува онаа традиционална SUV-купе форма и се задржува повеќе кон ниските пропорции на конвенционално купе, дискретно подигнато од подлогата и поставено на огромни тркала.

За 408, дизајнерите на Peugeot кажуваат дека е „неочекуван од секој агол“ – и мораме да се согласиме. 408 ги зема дизајнерските елементи на Peugeot и ги носи во нови екстреми – на предниот дел вниманието оди кон скулптурираните предни светла и светлата за магла, како и големите отвори за воздух. Дизајнерите се особено горди на предниот дел, за кој кажуваат дека нема традиционална граница меѓу предната маска и предниот браник.

Профилот е несекојдневен и динамичен, со комплексни контури и остри карактерни линии, додека задниот дел е низок, со длабоко-интегрирани задни светла и агресивен заден браник кој истовремено симулира и дифузер. Плус, со 408 дебитира и ексклузивната Obsession Blue сина боја, која едноставно изгледа спектакуларно. Ако погледнете поубаво, ќе забележите и интересни „мачкини уши“ поставени на местото на традиционалниот спојлер.

Овие „уши“ покрај тоа што имаат аеро-функционалност, ја подобруваат и просторноста во кабината бидејќи дозволуваат механизмите за отворање на вратата од багажникот да бидат сместени поназад во каросеријата.

Кога сме кај кабината – новиот 408 ја носи најновата генерација на i-Cockpit решението на Peugeot. Тука е неизбежниот мал управувач, како и дигиталниите инструменти поставени пред возачот. На централната конзола доминира големиот екран за мултимедијалниот уред, додека под него е поставен уште еден наменет за i-Toggles функционалност. Централната конзола е дом за контролите за менувачот, како и селекторот за режимот за возење.

Меѓуоскиното растојание на 408 е цели 112 милиметри подолго од она на 308 – а тоа ветува повеќе простор во кабината и уште поважно – повеќе простор на задните седишта. Секако, зголемен е и багажниот простор, па 408 нуди 536 литри во багажникот, односно дури 1611 литри со преклопени задни седишта. Купувачите ќе можат да добијат и Focal премиум аудио уред, седишта обвиени во супер-мека Nappa кожа, како и цела гама на системи за безбедност.

Поврзано:  Peugeot ја згаснува дивизијата PSE?

Понудата на мотори ја сочинуваат новите, супер-чисти бензинци и плаг-ин хибриди на Peugeot. Основен мотор е одличниот 1.2-литарски PureTech со 130 коњски сили, а доколку сакате повеќе, тука се плаг-ин хибридите со 180, односно 225 коњски сили. Двата плаг-ин хибриди користат електромотор кој испорачува дополнителни 110 коњски сили кој го комбинираат со 1.6-литарски турбо-бензинец, но кај послабата верзија тој испорачува 150 коњски сили, додека кај помоќната одлични 180 коњски сили.

Она што целосно отсуствува од понудата е турбодизел, за кој Peugeot кажува дека едноставно не припаѓа во 408, а сите верзии ќе се комбинираат со EAT8 автоматски менувач – мануелниот менувач воопшто нема да биде достапен, а на неодамнешна тркалезна маса со Peugeot ни беше кажано дека ова е поради трендот кај купувачите да бараат автоматски менувач, како и поради потребата да се ослободи повеќе простор во кабината. Секако, понатаму ќе се понуди и целосно-електрична верзија, за која малку подоцна ќе ги имаме сите детали.

Благодарение на Еуроимпекс – македонскиот (и регионален) увозник за Peugeot – два дена пред премиерата имавме можност да присуствуваме на ексклузивна тркалезна маса со претставници од Peugeot и уште неколку колеги од Македонија. Од Peugeot кажуваат дека 408 воведува целосно нова силуета и дека има засебен дизајнерски пристап, но и дека е наменет за оние за кои SUV моделите се станати премногу здодевни и конвенционални.

Исклучителната модерност и супер-динамичниот дизајн се само неколку од многуте силни атрибути со кои 408 ќе ги привлекува купувачите, а ни беше кажано дека ниту моќна, PSE верзија не е исклучена. ;)

Поврзано:  Два Peugeot 9X8 хипер-автомобили ќе се натпреваруваат и на овогодинешниот Le Mans!


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.