ПРЕМИЕРА: Prodrive P25 е модерна реинкарнација на Impreza 22B и чини 535.000 Евра! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Prodrive P25 е модерна реинкарнација на Impreza 22B и чини 535.000 Евра!

Impreza 22B од доцните 1990-ти години е можеби еден од најпосакуваните модели на Subaru – па тркачите од Prodrive одлучија да ја изградат одново, но со многу модерни технологии и повеќе од 400 коњски сили!

400 коњски сили можеби и не звучат како многу, но со оглед на тоа дека за изработката се користени супер-лесни и егзотични материјали – воопшто не се за потценување. „Срце“ на P25 е 2.5-литарски турбо-боксер кој е доработен да испорачува 400 коњски сили благодарение на зајакнати компоненти и надграден турбополнач. Силата ја испорачува кон сите четири тркала преку секвенцијален менувач, а дел од приказната е и WRC Launch Control систем, благодарение на кој катапултот до 100 километри на час трае само 3.5 секунди.

Инаку, сите надворешни панели се изработени од карбонски композити, а во кабината карбон се користи за внатрешниот дел на вратите и супер-лесните карбонски седишта. Од Prodrive кажуваат дека P25 тежи помалку од 1200 килограми.

Суспензијата е надградена со нагодливи амортизери, а пружините и анти-рол зацврстувањата се прилагодени за подобро управување. Секако, тука се и надградените сопирачки кои се кријат позади големи 19-инчни тркала изработени од Prodrive. Немаме фотографии од кабината, но од Prodrive кажуваат дека останува верна на оригиналната изведба, но со модерни и спортски материјали. Можете да го нарачате вашиот примерок со четири или две седишта, но ако сакате да добиете еден – побрзајте. Ќе бидат направени само 25 примероци и секој од нив ќе чини од 535.000 Евра.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.