ПРЕМИЕРА: BMW M3 Touring е практична ракета со 510 коњски сили и огромен багажник! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: BMW M3 Touring е практична ракета со 510 коњски сили и огромен багажник!

BMW веќе подолго време го најавува новиот M3 Touring, кој е базиран на моќниот M3 Competition и доаѓа со истиот 3-литарски турбо-бензинец со 510 коњски сили!

BMW конечно има вистински конкурент за Audi RS4 и Mercedes-AMG C63 Avant – и доаѓа во форма на новиот M3 Touring. Поставен врз основата на M3 Competition, моќниот караван го добива истиот 3-литарски турбо-бензинец со шест цилиндри во линија кој испорачува моќни 510 коњски сили и 650 Nm вртежен момент, кои пак ги пренесува кон сите четири тркала преку 8-брзински автоматски менувач и M xDrive систем.

Резултат на сето ова? Моќниот караван катапултира до 100 километри на час за само 3.6 секунди и постигнува максимални 280 километри на час. Сосем адекватно за неделниот шопинг, нели?

Но немојте да мислите дека моќниот караван е добар само на правци. Инженерите на М-дивизијата додале и спортски-нагодена суспензија како и Active M диференцијал, а автомобилот е поставен на големи тркала (19-инчни напред, 20-инчни позади) обвиени во спортски пневматици, зад кои се кријат и моќни спортски сопирачки.

Секако, доработен е и екстериерот, па ги препознаваме огромните предни отвори за воздух кои доаѓаат директно од M3 и M4, но тука се и аеро-додатоците, огромниот заден дифузер и проширените крила. Кабината ги добива истите спортски детали од M3 и M4 – тука се спортските седишта и многуте спортски елементи.

А да, караван! Да зборнеме малку и за практичноста. Со исправени задни седишта, M3 Touring ќе ви понуди багажен простор од 500 литри. Преклопете ги задните седишта и таа бројка расте на импресивни 1510 литри. Караван е, мора да биде практичен!

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.