Официјално доделени AutoBest наградите на гала вечер во Франција – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално доделени AutoBest наградите на гала вечер во Франција

Во малото место Кирвилер во близината на Стразбур, Франција, во импресивниот Пале Ројал кој се рангира меѓу првите три француски кабареа делејќи го подиумот со Лидо и Мулен Руж, се одржа 21-то издание на гала вечерта на доделувањето на AutoBest наградите.

Дан Варди, основач и претседател на AutoBest рече: „Оваа година поставивме нова пресвртница на концептот на настанот. Бевме пионери на ‘Surprise Gala’ сценариото кога никој не знаеше каде ќе се одржи… Исто така замисливме спој помеѓу француското кабаре и гала вечерта на доделувањето на AutoBest наградите. Резултатот е единствено шоу, мултикултурно, мултисензорно искуство што го нарековме AutoBest кабаре. Познати сме по тоа што секоја година имаме уникатно сценарио за нашиот гала настан, но оваа година навлеговме многу подлабоко во нашата традиција благодарение на неверојатната соработка што ја имавме со нашите пријатели во Пале Ројал.“

На сцената, добивајќи го врвното европско признание Best Buy Car of Europe за 100% електричниот Dacia Spring, Денис Ле Вот, извршниот директор на Dacia, рече: „Од своето лансирање Dacia Spring е огромен успех. Би сакале да му се заблагодариме на AutoBest за оваа награда за автомобил кој нуди најмногу за својата цена во Европа за 2022 година, која го потврдува апетитот што нашите клиенти го имаат за нашите модели. Со својата непобедлива цена и својот атрактивен, авантуристички изглед Dacia Spring ги прави електричните возила достапни за сите. Накратко, Dacia со Spring ја демократизира електричната мобилност.“

За време на гала вечерта, AutoBest организацијата ги објави плановите за развој на проектот EcoBest Challenge. По минатогодишното мошне успешно издание, тој оваа година ќе се одржи во Болоња, Италија, со повеќе мерења на популарните европски електрични возила со цел да се обезбедат релевантни, суштински и непристрасни проценки за европските потрошувачи.

AutoBest исто така го објави стартот на новиот Think Tank наречен „Иднината е тука“, предводен од легендарниот Френк Стивенсон, горд член на DesignBest Алејата на славните. Ова е нова глобална иницијатива за детално испитување на иднината на мобилноста што се најавува со концептните автомобили. Членовите на Think Tank веќе започнаа да ги анализираат најновите концепти и да проценат колку од нив навистина доаѓаат со значајни, реални, корисни и одржливи технологии, материјали, предлози за дизајн и производство. Најдобриот концепт автомобил од оваа мултиперспектива ќе ја освои глобално единствената награда „Иднината е тука“. Таа е дел од новата серија на награди, заедно со наградата „Ѕвезда се раѓа“, кои не се директно поврзани со вообичаените награди доделувани на AutoBest гала настанот.

Поврзано:  Dacia Sandero е најпродаван автомобил во Европа во првата половина од годинава

Дополнително, AutoBest и оваа година додели уште неколку дополнителни признанија, меѓу кои беа:

  • CompanyBest 2022: Pininfarina S.p.A
  • ManBest 2022: Мате Римац
  • EcoBest 2022: Renault Megane E-Tech
  • SafetyBest 2022: Isuzu D-Max
  • SmartBest 2022: Mercedes-Benz MBUX
  • SportBest 2022: Алехандро Агаг, основач на ABB FIA Formula E светскиот шампионат и Extreme E
  • DesignBest 2022: Валтер де Силва

Во изјава за AutoBest, Мате Римац изјави: „Благодарам на експертското AutoBest жири за оваа награда. Вистинска чест е да се биде примен во Алејата на славните покрај некои од најимпресивните личности од автомобилската индустрија во поновата историја. Но, не можам да ја преземам целата заслуга за успехот на Rimac групата. Сега имаме 1.500 луѓе кои работат на осум локации во Европа, помагајќи да се развие иднината на Bugatti Rimac, како и напредните батерии, мотори, инвертори и софтвер што ќе помогнат во патувањето на перформансните електрифицирани автомобили кон иднината. А од Rimac групата, исто така, има уште многу што да пристигне.“

Член на AutoBest жирито од Македонија е нашиот колега Крумислав Барзов од Автомагазин.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.