Mitsubishi ги објави деталите околу погоните на новиот ASX – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Mitsubishi ги објави деталите околу погоните на новиот ASX

Премиерата на новиот ASX е закажана за Септември, но Mitsubishi веќе започна да ја подгрева публиката со информации околу погоните на новиот кросовер.

Веќе знаеме дека новиот Mitsubishi ASX всушност ќе ја користи CMF-B платформата на Renault и Nissan, па соодветно на тоа, ќе ги користи и истите погони. Понудата ќе започне со одличниот 1-литарски MPI-T турбо-бензинец кој испорачува 91 коњска сила и ќе се комбинира со мануелен менувач. Скалило над овој мотор е 1.3-литарскиот DI-T турбо-бензинец со 140 коњски сили и мануелен менувач или 158 коњски сили и 7-брзински автоматски менувач со двојна спојка.

За да ги задоволи трендовите и барањата на купувачите, ASX ќе се нуди и со хибриден и плаг-ин хибриден погон, позајмени од Renault Captur E-Tech. Обете верзии користат атмосферски бензинец со капацитет од 1.6 литри, два електромотори и менувач преку кој силата се испорачува кон предните тркала. Разликата меѓу двете опции е системската моќност и големината на батеријата. Обичниот, самополнечки хибрид има 145 коњски сили и доаѓа со батерија со капацитет од 1.3 kWh. Плаг-ин хибридот доаѓа со батерија со капацитет од 10.5 kWh и системска моќност од одлични 160 коњски сили. Според најавеното, очекуваме автономија на струја од околу 50 километри.

Од она кое можеме да го видиме на објавените фотографии, можеме да очекуваме значително подинамична форма во однос на стариот ASX. Секако, тука се неизбежните LED предни и задни светла, но забележуваме и нагласено-купеовска форма. На задниот дел името Mitsubishi ќе биде испишано со големи букви – очигледно јапонскиот бренд ќе направи сè што може да остане препознатлив во рамките на Renault Nissan Mitsubishi алијансата.

Официјалната премиера на новиот ASX е закажана за Септември, но очекуваме Mitsubishi да продолжи да објавува информации за новиот кросовер пред неговото деби. Јапонскиот бренд веќе најави дека ќе лансира и нова генерација на супер-популарниот Colt, која пак ќе биде базирана на Renault Clio.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.