Електрификација-шмелектрификација – Stellantis претстави нов Hurricane турбо-бензинец со 400, односно 500 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Електрификација-шмелектрификација – Stellantis претстави нов Hurricane турбо-бензинец со 400, односно 500 коњски сили!

Новиот турбо-бензинец со шест цилиндри во линија го носи името Hurricane, а во зависност од изведбата испорачува 400, односно 500 коњски сили!

Stellantis претстави нов мотор кој најверојатно ќе биде замена за постоечките V8 мотори наменети за американскиот пазар. Новиот 3-литарски турбо-бензинец го носи името Hurricane, има шест цилиндри поставени во линија и ќе биде достапен во две конфигурации – „основна“ со 400 коњски сили и 610 Nm вртежен момент, како и помоќна верзија со „повеќе од 500 коњски сили“ и 645 Nm вртежен момент. Моторот има алуминиумски блок и ковани елементи – а сето тоа навестува дека понатаму ќе бидат достапни и други конфигурации.

Од Stellantis кажуваат перформансите на моторот ќе варираат од моделот во кој ќе биде вграден, а се шпекулира дека еден од првите модели во кои ќе се понуди е Jeep Grand Wagoneer. Моторот ќе се прави во фабрика на Stellantis во Мексико и ќе биде „примарниот мотор со внатрешно согорување кој ќе се користи во Северна Америка за возила кои ќе ги користат STLA Large и STLA Frame платформите“ – а тоа навестува дека моторот ќе најде своја примена како кај автомобили, така и кај теренци и (можеби) комерцијални возила. Понатаму, очекуваме дека Hurricane моторот ќе се комбинира со електромотор и батерии за потенцијални хибридни и плаг-ин хибридни модели.

Нема информации дали овој мотор би стигнал и преку океанот – односно на европскиот пазар. Знаејќи ја широката констелација на модели кои се дел од Stellantis, ваков мотор лесно би го нашол своето место кај некој од премиум брендовите на Stellantis кои потекнуваат од или се продаваат во Европа.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.