full screen background image
Search

ПАНОРАМА: Новиот CX-60 ќе биде најмоќниот автомобил во гамата на Mazda

Со новиот SUV, дебитира и новата платформа на Mazda која воведува погон на задните и погон на сите четири тркала, како и нови, моќни и електрифицирани погонски единици.

Новиот SUV на Mazda е веднаш препознатлив – тука се познатите Kodo дизајнерски детали кои јапонскиот бренд ги гради изминатава декада, но во едно уште посовремено, поробустно издание. На предниот дел вниманието оди кон тенките предни светла и широката маска на ладилникот, додека задниот дел го дефинираат тенките задни светлосни елементи и внимателно скулптурираните форми. Интересен детал е доооолгиот преден дел, кој навестува нешто навистина интересно.

А она кое се крие таму се новите погонски единици кои Mazda ги нуди. Европската понуда започнува со надградениот 2.5-литарски Skyactiv-G бензинец кој сега соработува со електромотор и батерија со капацитет од 17.8 kWH, за вкупна системска моќност од 323 коњски сили и 500 Nm вртежен момент. Според Mazda, оваа комбинација му овозможува на големиот SUV да забрза до 100 километри на час за 5.8 секунди и да достигне максимални 200 километри на час, но и да помине до 60 километри на електрична енергија.

Вториот, и можеби изненадувачки погон (со оглед на светските трендови) е новиот 3-литарски бензинец со линиски-поставени шест цилиндри. Овој погон добива и 48-волтна хибридна компонента, а во понудата ќе се најде и уште-поизненадувачки 3.3-литарски е-Skycativ-D турбодизел со шест цилиндри во линија. Моќноста на овие погони сè уште не е објавена, но очекуваме да бидат исклучително моќни и ефикасни. Од Mazda најавуваат дека сите верзии ќе добијат нов, 8-брзински автоматски менувач и i-Activ систем за погон на сите четири тркала. Најавуваат неколку различни режими на возење – Normal, Sport, Off-Road и Towing, како и EV режим за хибридниот модел.

Секако, CX-60 ќе ги добие и сите системи за активна и пасивна безбедност кои јапонскиот производител ги има во своето портфолио. Тука се и системите за асистенција и детекција, препознавање сообраќајни знаци, препознавање пешаци и велосипедисти, автономно сопирање, итн..

Новиот CX-60 е веќе достапен за нарачка, а првите примероци се очекуваат да пристигнат за неколку месеци. Навистина ни се допаѓа одлуката на Mazda да се трансформира во вистински премиум производител кој користи платформа која примарно е замислена да понуди погон на задните тркала – тоа ветува многу за следната Mazda 6, нели?



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.