Со лансирањето на Rav4 во 1994, Toyota помалку или повеќе го дефинираше сегментот кој низ годините стана супер-популарен. Сега, скоро 30 години подоцна, дали најновата генерација на хибридниот јапонски SUV сè уште го дефинира сегментот?
Најновата генерација на Rav4 не е толку ретка појава по нашите улици – всушност, го гледаме Rav4 прилично често. А и ова не е прв пат оваа генерација да се појави на нашите страници – пред неколку години го возевме Rav4, но во поконвенционално, бензинско изадние. Сега сме тука да се запознаеме со неговата вистинска форма – хибридната.
Нема веќе конзервативни решенија – RAV4 изгледа храбро и супер-забележливо!
Како што кажавме кога за прв пат го возевме новиот Rav4, кога дизјнерите на Toyota работеле на најновата генерација, како да ги исфрлиле сите конвенционални сфаќања и конзервативни решенија. Новиот Rav4 изгледа храбро и самоуверено. Дури би рекле дека и покрај тоа што веќе редовно го гледаме и се навикнавме на него, Rav4 и понатаму се издвојува од конкуренцијата. Комбинацијата од храбри форми и несекојдневни, остри линии го прават да биде супер-забележлив.
На предниот дел доминираат големите, широки предни светла и малку „налутениот“ лик на Rav4. Заминаа во историјата здодевните, конвенционални форми на минатите генерации, а новата се наметнува со агресивност која како да не ја очекувавме од Rav4. Страничните, прекршени линии доминираат со профилот, а на задниот дел вниманието оди кон задните светла и комплексните површини.
Забележуваме и ситни детали кои иако дискретни, ја заокружуваат сликата за модерен SUV – од малите, скоро невидливи светла за магла, преку робустните заштитни панели околу крилата, па сè до малиот, но сепак наметлив заден спојлер. Rav4 ни се допаѓа!
Комфорна и просторна кабина со силен акцент на практичноста.
Ја отвораме возачката врата и нè пречекува современа кабина со најнови технолошки решенија, но и врвна практичност. На централната конзола доминираат мултимедијалниот уред и контролите за клима-уредот.
Ќе кажеме дека многу, ама навистина многу ни се допаѓаат гумираните тркалца кои се користат за прилагодување на климатизацијата – во време кога сè повеќе се оди кон дигитални, „тач“-базирани контроли, ваквите логични и практични решенија покажуваат дека некои работи можат да бидат направени подобро. Браво!
Низ целата кабина има мал милион места за одлагање ситници и дребулии – меѓу седиштата, во вратите, пред совозачот, итн. Плус, има навистина многу простор – како на предните седишта, така и на задната клупа.
Патем, задната клупа е прилагодлива, па на патниците ќе им биде комфорно и на подолги патувања. А кога ќе дојде ред за тие подолги патувања, ќе бидете пријатно изненадени и од багажниот простор – на располагање имате меѓу 580 и 1690 литри достапни преку голем, широк и правилен отвор.
Моќен и ефикасен хибриден погон.
Но ајде малку да позборуваме и за хибридниот погон. Низ годините, Toyota успеа да се наметне како експерт за хибридизација и се постави како „бенчмарк“ со кој се споредуваат сите останати хибридни погони. Комбинацијата од ефикасен бензинец, електромотор и батерија се покажа како навистина функционална. Овој погон веќе добро го познаваме – неколку пати го возевме во Camry и секогаш успеваше да нè импресионира. Но како се справува со поголемо, потешко, и не-баш-толку аеродинамично возило?
Одговорот е – повеќе од добро. Хибридниот систем испорачува моќни 222 коњски сили, кои ги пренесува кон сите четири тркала преку e-CVT менувач и i-AWD систем за погон на сите четири тркала. Задните тркала се погонуваат само од електромотор, а тоа пак овозможува интелигентна и брза дистрибуција на моќноста.
Сето тоа резултира со забрзување до 100 километри на час за 8.1 секунда и максимални 190 километри на час. Дополнително, најновата генерација на e-CVT автоматскиот бесстепен менувач има фиксна прва брзина која го олеснува тргнувањето и скоро го елиминира „ластик-ефектот“ кој беше толку забележлив кај постарите генерации.
И што значи сето тоа? Сето тоа значи дека RAV4 Hybrid е моќен SUV кој нуди изненадувачки перформанси, а истовремено е и изненадувачки ефикасен. Низ град ќе троши околу 6.5 литри бензин на 100 изминати километри, додека на отворено очекувајте потрошувачка од околу 7.5 литри на 100 километри.
Како е зад управувачот?
Возењето со RAV4 е рафинирано и комфорно – особено во оние моменти кога работи на струја. Високата седечка позиција и големите стаклени површини безмалку гарантираат одлична прегледност, а маневрирањето е олеснето благодарение на сензорите и паркинг-камерата.
Не е направен ниту некаков компромис кога станува збор за комфорот – RAV4 е дизајниран да биде комфорен и мирен семеен крстосувач. Управувањето е доволно прецизно – но ајде да бидеме искрени, ова не е автомобил кој ќе го „фрлате“ од свиок во свиок – ова е SUV во кој комфорно ќе патувате.
Да, RAV4 и понатаму го дефинира сегментот!
На самиот крај – да, остануваме на ставот дека RAV4 е дефиниција за SUV. По-SUV не може да биде. Комбинацијата од исклучителна практичност, замашна просторна понуда и ефикасен погон, како и современ, привлечен дизајн одлично ја објаснува популарноста на RAV4 како кај нашите купувачи, така и ширум светот. RAV4 е SUV кој е наменет да биде лесен за секојдневно користење – и од апсолутно секој можен аспект, успева во тоа.
Спецификации
Модел: | Toyota RAV4 2.5L Hybrid Exclusive AWD Bi-Tone |
Мотор: | 2.5-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри + електромотор |
Моќност: | 222 коњски сили / 3500 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 221 Nm / 3600 – 5200 вртежи во минута |
Менувач: | Автоматски безстепен CVT |
Забрзување 0-100 км/ч: | 8.1 секундa |
Максимална Брзина: | 190 километри на час |
Должина: | 4600 mm |
Ширина: | 1855 mm (без странични ретровизори) |
Висина: | 1685 mm |
Тежина: | 1730 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2649 mm |
Багажен Простор: | 580 – 1690 литри |
Потрошувачка: | 6.7 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Toyota RAV4 2.5L Hybrid Dynamic FWD 218 – 33.741 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Toyota RAV4 2.5L Hybrid Exclusive AWD Bi-Tone 222 – 41.500 Евра |
Повеќе Информации: | Toyota.com.mk |