full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Opel Astra добива секси Sports Tourer караванска изведба

Откако ја претстави Astra во хечбек изведба, Opel денес ни ја претстави новата Astra и во практична и просторна Sports Tourer караванска верзија.

Разликите меѓу обичната и караванската изведба на Astra започнуваат некаде по задните врати – Astra Sports Tourer е подолга – а тоа резултира со значително подарежлив багажен простор. Со исправени задни седишта багажникот нуди 608 литри капацитет. Спуштете ја задната клупа и просторната понуда расте на импресивни 1634 литри.

Инаку, дизајнот е навистина сличен на регуларната Astra – и тоа ни се допаѓа. На предниот дел доминира Vizor маската со интегрираните светла, профилот е низок, чист и атлетски, а на задниот дел забележуваме тенки задни LED светла. Дури би рекле дека Astra ST (да скратиме малку) изгледа подобро одзади бидејќи регистерската табличка е поставена меѓу задните светла а не во браникот како кај конвенционалниот модел.

Сега за сега немаме никакви информации околу моторите, но очекуваме дека ќе бидат истите со кои се нуди и регуларната Astra. Тоа значи 1.2-литарски турбо-бензинец со 110 или 130 коњски сили, како и 1.5-литарски турбодизел со 130 коњски сили и две плаг-ин хибридни изведби со 180 и 225 коњски сили. Од Opel напоменуваат дека хибридните изведби ќе имаат нијанса помал багажен простор – 548 и 1574 литри.

Како и обичната Astra, и Astra ST ги добива истите нови технологии и мултимедијални системи, а би требало да се нуди и во истите нивоа на опрема – Design, GS Line и Ultimate. Сега за сега, немаме информации околу цените – тие ќе бидат објавени кога официјално ќе започне продажбата.

Поврзано:   AUTOBEST ги објави резултатите од Ecobest Challenge тестирањето на електрични возила


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.