ПРЕМИЕРА: Ford го претстави новиот Ranger – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Ford го претстави новиот Ranger

Ford го претстави новиот Ranger и го најави како „најпаметниот, најсенаменскиот и најспособниот Ranger во историјата“.

Новиот Ranger носи нов дизајн, директно инспириран од големиот F-150, но и малиот Maverick (кој сега за сега не се нуди во Европа). На предната маска доминира големиот, едноделен елемент кој е поставен врз решетката и е директно поврзан со големите предни светла. Околу целиот Ranger забележуваме мускулести детали и подинамичен, поатлетски пристап кон нештата – ова е со цел Ford да го нагласи мускулестиот и способен карактер на новиот пикап. На задниот дел забележуваме нови светла со нова графика, како и Ranger напис кој е вметнат во вратата од багажникот.

На фотографиите ги гледаме новите SuperCab и SuperCrew каросериски изведби, како и робустниот Ranger Wildtrak (кој е најава за неизбежниот Raptor). Товарниот дел на новиот Ranger е поголем благодарение на 50 милиметри поширокиот траг, како и 50 милиметри подолгото меѓуоскино растојание. Товарниот дел е значително поробустен и попрактичен – има нови места за врзување товар, нова заштитна облога, нов систем за менаџирање со товарот и подвижни полуги за делење на просторот, итн.

Со новиот Ranger пристигнува и новата, значително помодерна кабина. Ranger добива дигитални инструменти и 10.1 или 12-инчен Sync4 инфозабавен уред со засебен Off-Road приказ за следење на сите теренски параметри – аголот на вртење, аголот на возилото, итн. Ranger доаѓа и со интегрирана интернет врска со FordPass апликацијата на Ford која овозможува преку мобилниот телефон да го отклучите и заклучите возилото, да го проверите неговиот статус, итн.

Во однос на погонските единици, Ford ќе понуди три турбодизел мотори, како и 2.3-литарски EcoBoost турбо-бензинец. Турбодизелите доаѓаат во форма на 3-литарски V6, како и два 2-литарски четири-цилиндерски мотори со еден или два турбополначи. Во зависност од моторот и пазарот, ќе се нудат три менувачи – шест степен мануелен, 6-степен автоматски или нов, надграден 10-брзински автоматски менувач.

Новиот Ranger е поставен на платформа базирана на онаа која се користи и кај тековниот модел, но од Ford кажуваат дека е надградена и редизајнирана за да понуди повеќе простор за нов, моќен мотор, како и можност за плаг-ин хибриден погон кој ќе се нуди во Европа. Тркалата се поместени нанапред, а задната суспензија е редизајнирана за да обезбеди повеќе комфор како на пат, така и кога ќе снема асфалт. Ranger ќе се нуди со два различни погони на четири тркала – едниот е електронски, другиот е перманентен 4х4 со поробустна конструкција.

Новиот Ranger ќе започне да се произведува следната година.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.