ПРЕМИЕРА: Новиот Porsche Taycan GTS е достапен во две каросерски изведби и поминува повеќе од 500 километри со полни батерии – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новиот Porsche Taycan GTS е достапен во две каросерски изведби и поминува повеќе од 500 километри со полни батерии

Со новиот GTS, дебитира и новата каросериска изведба која се вика Sport Turismo, која ги исфрла кросоверските елементи на Taycan Cross Turismo но ги задржува функционалноста и просторната понуда на електричниот караван.

Според Porsche, новиот Taycan GTS е „оптималната комбинација на перформанси и луксуз“ – односно „по нашки“, тоа би дошло како „златна средина“ во понудата на Taycan. Новиот Taycan GTS испорачува 598 коњски сили при Launch Control, што пак му овозможува на електричниот седан (или караван) да забрза до 100 километри на час за само 3.7 секунди и да достигне максимални 250 километри на час.

Дополнително, благодарение на поголемата батерија со капацитет од 93.4 kWh која стандардно ќе се вградува во GTS изведбите, Taycan може да помине повеќе од 500 (поточно 504) километри со едно полнење. Taycan овозможува полнење со максимална моќност од 270 kW, што значи дека батериите се полнат од 5 до 80% за само 22.5 минути.

Инаку, Taycan GTS ја добива суспензијата од Taycan Turbo, но со специјална калибрација. Дел од опремата е и воздушната суспензија и напредниот систем за контрола на суспензијата, а Taycan GTS добива и Sport Chrono пакет, како и GT мултифункциски управувач. Сопирачките се базирани на оние од Taycan 4S, но се со поголем дијаметар и имаат специјално обложување од тунгстен-карбид за подобри перформанси.

Во кабината, Taycan GTS моделите добиваат Race-Tex материјали кои се присутни и кај останатите GTS модели на Porsche. Кабината добива и специјални седишта, специјални опшивки, Sport Chrono инструменти, и детали од мат-карбон. На надворешноста препознаваме SportDesign предна маска, специјални Taycan Turbo S Aero сатенски црни тркала и црни детали, и многу, многу други специјални GTS детали.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Porsche 911 добива супер-лесен T-Hybrid - станува електрифициран и уште помоќен!

Особено ни е интересен новиот Taycan GTS Sport Turismo – караванската изведба на Taycan не е целосно нова, но кај Taycan Cross Turismo имаше кросоверски детали. Сега тие кросоверски детали ги нема, па Taycan GTS Sport Turismo изгледа уште подинамично. Ако мораме да избереме, би рекле дека токму Taycan Sport Turismo е најинтересната и најпривлечна изведба на електричниот спортски автомобил на Porsche.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.