ПРЕМИЕРА: Mercedes-AMG го претстави најновиот SL – Дизајнот го потпишува Славче Таневски! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Mercedes-AMG го претстави најновиот SL – Дизајнот го потпишува Славче Таневски!

Целосно-новиот SL е навистина нов – спортскиот крстосувач на Mercedes-AMG е поставен на нова платформа, добива нови мотори и има целосно нов дизајн кој го потпиша македонскиот дизајнер Славче Таневски.

Новиот SL е поставен на целосно-нова платформа за која се користени егзотични материјали – од алуминиум и челик, па сè до магнезиум и композити кои ја прават да биде навистина лесна и напредна. Интересно, новиот SL е дел од Mercedes-AMG семејството, а не од „мејнстрим“ Mercedes-Benz гамата на модели. На самиот старт ќе се нудат две погонски опции – обете го користат 4-литарскиот твин-турбо V8, но со различна моќност.

„Основниот“ SL 55 испорачува 470 коњски сили и 700 Nm вртежен момент, додека помоќниот SL 63 испорачува 577 коњски сили и 800 Nm вртежен момент. Одберете го основниот SL 55 и ќе забрзате до 100 километри на час за 3.9 секунди, додека на SL 63 му требаат само 3.6. Максималната брзина е 295 или 315 километри на час.

За понатаму се најавени и други погонски опции – можеме да очекуваме и шест-цилиндерски мотори, но и плаг-ин хибридна верзија со близу 800 коњски сили.

Кој мотор и да го одберете, ќе биде искомбиниран со 9-брзински автоматски менувач, а за прв пат SL ќе ја пренесува силата кон сите четири тркала. Да, SL добива 4Matic+ погон на сите четири тркала. Секако, добиваме и модерни карбон-керамички сопирачки, управување на задните тркала, а може да се нарача и воздушна суспензија, и многу, многу повеќе…

Mercedes одлучи да го врати и платнениот кров кај SL моделите, откако минатите неколку генерации беа со преклоплив цврст кров. Според инженерите, ова позитивно влијае како на тежината, така и на тежиштето и управливоста. Новиот кров се отвора или затвора за само 15 секунди и тоа при брзини до 60 километри на час.

Инаку, дизајнот е навистина спектакуларен. Дизајнер на новиот SL е македонскиот дизајнер Славче Таневски, кој самиот кажа дека сон на секој дизајнер е да дизајнира суперавтомобил, особено ваков легендарен суперавтомобил – и дека денес тој негов сон е остварен.

Поврзано:  Мак Аутостар ја зголемува понудата со подолгиот Citan Tourer Long

Дизајнот е остар и со јасна цел – да ги истакне спортските гени и таленти на SL. Забележуваме остри светлосни групи – како напред така и одзади, широки отвори за воздух и подготвен, агресивен став. Новиот роудстер на Mercedes-AMG едноставно изгледа… Фантастично!

Кабината истовремено изгледа класично спортски и супер-модерно. Инструментите пред возачот се вовлечени во „тунел“, додека на централната конзола доминира големиот екран. Секако, новиот SL ја добива најновата генерација на MBUX, како и 3D инструменти и хед-ап дисплеј. Забележуваме и спортски седишта, врвни материјали, многу карбон, кожа и алкантара и многу, многу можности за персонализација.

Останува само да се надеваме дека и самите ќе имаме можност да седнеме зад управувачот на новиот SL. Ако ништо друго, да имаме можност и самите да поуживаме во спортската креација на Славче Таневски. Славче, честито!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.