ПРЕМИЕРА: Претставен целосно-новиот, супер-луксузен Range Rover – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Претставен целосно-новиот, супер-луксузен Range Rover

Целосно-новиот Range Rover е поставен на нова платформа, носи грст нови технологии – а од следната година ќе биде достапен и како плаг-ин хибриден или целосно-електричен супер-луксузен теренец.

Со целосно-новиот Range Rover, британскиот бренд воведува нови стандарди во сегментот на супер-луксузни теренци. Достоинствениот, монолитски дизајн и спокојната, високо-технолошка и благородна кабина го издвојуваат Range Rover и го поставуваат на самиот врв во сегментот, а технолошката доминација се потврдува и преку целосно-електричната верзија која за прв пат ќе биде достапна кај британскиот аристократски SUV.

Пристапот на Land Rover со својот најлуксузен модел е очигледно еволутивен – на прв поглед, дизајнерските разлики се дискретни. Но кога ќе загледаме поубаво, забележуваме нов преден дел, со поедноставни и подискретни линии – предната маска е подискретна, светлосните групи се затегнати, а на браникот има само еден отвор за воздух. Профилот е очигледна еволуција на досегашниот модел – но навистина, таму и нема што многу да се менува. Најголемите разлики се забележуваат на задниот дел, каде дизајнерите одлучиле да ги спојат задните вертикални светлосни групи со хоризонтален панел – што на новиот Range Rover му дава препознатлив и уникатен заден дел.

Инаку, новиот Range Rover е поставен на целосно-новата MLA-Flex архитектура на JLR. Оваа модуларна архитектура овозможува големиот луксузен SUV да биде понуден со традиционален мотор на внатрешно согорување, како плаг-ин хибрид, или пак како целосно-електрично возило. Не сите погонски верзии ќе бидат достапни веднаш – плаг-ин хибридниот погон, како и целосно-електричниот погон ќе бидат достапни од следната година.

На самиот старт ќе се нудат бензинските P400 и P530, како и дизелите со ознака D300 и D345. „Основниот“ бензинец користи линиски шест-цилиндерски турбо-бензинец кој испорачува 400 коњски сили, додека P530 крие 4.4-литарски твин-турбо V8 со потекло од BMW. Погодувате – едниот има 345 коњски сили, а другиот 530.

Интересно – Land Rover не ги исклучува дизелите. Во понудата останува 3-литарскиот линиски турбодизел со шест цилиндри кој испорачува 300 односно 345 коњски сили. Најбрз Range Rover сега за сега е P530 кој забрзува до 100 километри на час за 4.6 секунди.

Плаг-ин хибридниот Range Rover комбинира линиски шест-цилиндерски турбо-бензинец со батерија со капацитет од 38.2 kWh и електромотор со моќност од 105 kW. Оваа конфигурација ќе биде достапна во две изведби – P440е и P51oe. Овие верзии ќе нудат 440, односно 510 системски коњски сили, а според Range Rover ќе можат да поминат меѓу 80 и 100 километри на електрична енергија. Вреди да се напомене дека P510e забрзува до 100 километри на час за само 5.6 секунди.

Инаку – очекувано – Range Rover ќе биде достапен само со погон на сите четири тркала, а стандардно ќе доаѓа и со управување и на задните тркала. Дополнително, го добива најновиот Terrain Response систем со активен заден диференцијал. Стандардно ќе доаѓа и со воздушна суспензија и адаптивни амортизери, како и 48-волтен систем за контрола на навалувањето. Но немојте да мислите дека нема теренски способности – официјалните податоци говорат за можност за минување низ вода длабока до 90 сантиметри, како и за врвни теренски системи подготвени за секакви предизвици.

Ќе бидат достапни четири нивоа на опрема – SE, HSE, Autobiography и First Edition. Како што одите нагоре, така работите стануваат поскапи – но тоа не е никаков проблем за купувачите на Range Rover. Всушост, неговата ексклузивност и скоро бесконечните можности за персонализација го прават особено интересен. Ќе бидат достапни и две „должини“ – односно две различни меѓуоскини растојанија, а во кабината очекуваме (и добиваме) врвна опулентност. Пред возачот е поставен 13.7-инчен екран со инструменти, додека на централната конзола има уште еден, 13.1-инчен екран наменет за мултимедијалниот уред. Но можеме да одиме понатамну – па на задните седишта ќе има опција за 11.4-инчни екрани, како и поврзување со Amazon Alexa, но и можност за напредна noise-cancelling технологија благодарение на Meridian премиум аудио уредот.

Но навистина, кај Range Rover навистина нема граници. Нарачките се веќе отворени, а првите примероци ќе бидат испорачани следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.