ТЕСТ: Hyundai i30 1.5 DPI GSL Premium – Рационален и доверлив избор. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Hyundai i30 1.5 DPI GSL Premium – Рационален и доверлив избор.

Неодамна-освежениот i30 се бори со навистина силна конкуренција – па дали корејскиот хечбек го има она кое е потребно да ги привлече купувачите?

Конкуренцијата во сегментот на i30 е привлечна и силна – но истовремено, конкуренцијата станува сè поскапа, и токму на оваа карта корејскиот хечбек се обидува да ги привлече купувачите. Токму затоа, Hyundai неодамна подготви освежување за i30 – за од една страна да ги истакне неговите силни позитивни атрибути, но истовремено да го направи уште попривлечен за купувачите кои ги следат трендовите и ги очекуваат најновите технологии.

Привлечен и ненаметлив дизајн

Визуелно, освежениот i30 ќе го препознаете преку редизајнираните предни светла и храбрата нова маска со несекојдневна, комплексна форма. Предните светлосни групи се потенки и LED дневно светло е уште понагласено.

Со освежувањето на задниот дел поработено е на аеродинамичноста, а освежените задни светлосни групи имаат нова, помодерна и позабележителна графика. Сè на сè – би рекле дека i30 изгледа резервирано, привлечно и ненаметливо. За оние кои сакаат подинамичен лик, тука e N-Line изведбата, а за оние кои навистина се по „екстремните спортови“ тука е моќниот i30 N со 280 коњски сили.

Кога веќе зборуваме за i30, ќе напоменеме дека хечбекот на Hyundai е развиен и дизајниран во Европа – токму за да им се допадне на пребирливите европски купувачи. Токму затоа, со освежувањето на кабината, Hyundai ги воведува и најновите технологии кои ги нуди кај останатите, понови модели.

Практична кабина со изненадувачки многу простор

Кабината е рационална и лесна за користење. Ја отвораме вратата и нè пречекуваат комфорни седишта со повеќе од задоволителна странична поддршка. Седењето може да биде изненадувачки ниско, но лесно се наоѓа комфорна, безбедна и прегледна возачка позиција.

Кога сме кај прегледноста – навистина немаме забелешки – таа е одлична благодарение на големите стаклени површини. Сите команди се лесни за разбирање и користење – а ќе го пофалиме и задржувањето на физички контроли за некои од функционалностите. Пред возачот се поставени делумно-дигитални инструменти, а на врвот на централната конзола е поставен голем, 10.25-инчен дигитален мултимедијален уред со Android Auto и Apple CarPlay поврзување. Има и практични детали кои навистина ни се допаднаа – како на пример безжичниот полнач за мобилен телефон.

Поврзано:   Електричната Hyundai Kona добива N Line спортски пакет

Во целата кабина има многу места за оставање дребулии – како околу предните седишта, така и околу задните. Кога веќе зборуваме за задните седишта – просторната понуда на задната клупа е за пофалба. Всушност, на задната клупа ќе има повеќе од доволно простор за повеќето возрасни, а за деца воопшто нема потреба да зборуваме.

Багажникот е во рамките на класата – отворете ја големата, практична петта врата и ќе најдете багажен простор со капацитет од 395 литри, кои нараснуваат на 1300 литри кога ќе ги преклопите задните седишта. Дното на багажникот е со две нивоа, а има и практичен отвор за скии.

Анахронистички, но сепак интересен и ефикасен 1.5-литарски атмосферец

Нашиот тестен модел дојде опремен со 1.5-литарски атмосферец кој испорачува 110 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 144 Nm вртежен момент при 3500 вртежи во минута кои ги пренесува кон предните тркала преку супер-прецизен 6-степен мануелен менувач.

Во време на моќни компактни турбо-бензинци ваквиот мотор е малку несекојдневен избор, но она кое му недостасува во однос на моќност, го надополнува преку рафинираност и исклучителна економичност. Бројките на хартија не се особено импресивни – 100 километри на час пристигнуваат за 12.3 секунди, додека максималната брзина е 187 километри на час.

Но затоа моторот наметнува еден повозрасен, подостоинствен стил на возење – наместо врескачки перформанси, да уживаме во смиреноста. Направете ја таа одлука, и ќе бидете наградени со потрошувачка од околу 8 литри на 100 изминати километри. Сепак, ние најверојатно би одбрале еден од турбо-бензинците, но на оние на кои не им се пресудни перформансите, атмосферецот е изнандувачки агилен, особено во средниот распон на вртежи.

Поврзано:   Hyundai и Iveco работат на заедничко електрично комерцијално возило

Комфорна и тивка кабина, дури и на повисоки брзини

Инаку, приказната за комфор и смиреност се наметнува и во однос на управливоста и комфорот. Да, i30 е прилично директен (и тука се препознаваат одличните гени кои стојат позади спортскиот i30N), но барем во оваа конфигурација примарниот фокус е кон комфорот. Суспензијата успева да ги исфилтрира нерамнините од нашите патишта, а во кабината е изненадувачки тивко, дури и при повисоки брзини.

Не очекувајте ни премногу фидбек преку серво-управувачот – едноставно препуштете се на изолацијата од елементите. Лесното серво-управување и одличната прегледност го прават i30 лесен за маневрирање низ градскиот метеж, а паркирањето е дополнително олеснето благодарение на камерите и сензорите.

Многу, многу опрема

Немаме никакви забелешки ниту на опременоста, со оглед на тоа дека нашиот тестен примерок дојде во скоро врвното ниво на опрема кое се вика Premium. Покрај огромната листа на стандардна опрема, нашиот тестен автомобил имаше и 10.25-инчен мултимедијален екран со навигација, 7-инчен LCD екран во централните инструменти, безжично полнење за мобилен телефон, стартување на возилото на копче, двозонска автоматска клима, електрично нагодување и преклопување на ретровизорите, 16-инчни алуминиумски тркала и уште многу, многу повеќе…

Лесно е да се разбере зоштo i30 е интересен за купувачите

И токму тука некаде би ја заокружиле дискусијата за новиот i30. Всушност, би ја заокружиле дискусијата со ставот дека i30 е одлична алтернатива за извиканите разно-разни SUV модели и не-толку-теренски-теренци. Во време кога „парите се скапи“, ваквите, нормални и рационални автомобили се уште попривлечни – и ако ги земеме предвид многуте силни аргументи кои се на страната на i30, навистина е лесно да се разбере зошто е толку интересен за многу купувачи. Од една страна се добива привлечен и современ дизајн, а сето тоа е придружено од многу опрема, економичен мотор и моќна 7-годишна гаранција.

Поврзано:   Hyundai го освежи електричниот Ioniq 5

А би рекле дека многумина го бараат токму тоа, нели?

Спецификации

Модел: Hyundai i30 1.5 DPI GSL Premium
Мотор: 1.5-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 110 коњски сили / 6000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 144 Nm / 3500 вртежи во минута
Менувач: Рачен, 6 брзини
0-100 км/ч: 12.3 секунди
Максимална Брзина: 187 километри на час
Должина: 4340 mm
Ширина: 1795 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1455 mm
Тежина: 1176 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2650 mm
Багажен Простор: 395 – 1301 литри
Потрошувачка: 8.2 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Hyundai i30 1.5 DPI GLS Comfort – 16.500 Евра
Цена на тестираниот модел: Hyundai i30 1.5 DPI GLS Premium – 20.400 Евра
Повеќе Информации: Hyundai-mk.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.