Новиот GT4 RS ќе биде ултимативната верзија на супер-управливиот Cayman – и се очекува да располага со околу 500 коњски сили!
Денес Porsche објави дека новиот Cayman GT4 RS минува низ последните тестирања пред официјалното деби кое е закажано за следниот месец. Дополнително, објави и неколку фотографии кој имаат колку-толку камуфлажа, па ги забележуваме агресивните детали на врвната верзија на Cayman.
Сега за сега немаме никакви информации околу модификациите кои се направени за Cayman GT4 да ја носи RS значката, но со оглед на тоа дека при тестирањето успеа да извози круг околу Nurburgring за 7:04.511 – цели 23.6 секунди побрзо од веќе брзиот Cayman GT4, сигурни сме дека името ќе биде оправдано.
Од Porsche напоменуваат дека при тестирањето е користен стандарден автомобил – единствените измени се тркачко седиште и Michelin Pilot Sport Cup 2 R пневматици кои ќе можат да се нарачаат како дополнителна опрема.
Немаме информации ниту за моторот – „стандардниот“ Cayman GT4 користи 4-литарски атмосферец кој испорачува 420 коњски сили и 420 Nm вртежен момент, но се шират гласини дека GT4 RS ќе има околу 500 коњски сили.
Останува само да бидеме трпеливи до следниот месец.