ПРЕМИЕРА: Ford ја претстави освежената Fiesta! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Ford ја претстави освежената Fiesta!

Пред само неколку моменти, Ford ја претстави фејслифтираната Fiesta, која покрај затегнат дизајн, добива и грст нови технологии, дигитални инструменти и многу повеќе…

Тековната генерација на Fiesta беше претставена во 2017 и нам ни е веќе добро позната. Покрај на официјалното лансирање во Шпанија, неколку пати ја возевме и во Македонија и тоа во неколку различни конфигурации.

Освежената Fiesta ќе ја препознаете преку редизајнираниот преден дел со поголема предна маска со централно поставен знак на Ford, како и поголеми отвори за воздух. Како и досега, ST Line и ST изведбите добиваат уште поспортски лик, а тука е и кросоверската Fiesta Active со дополнителни заштитни панели.

Препознаваме и дискретно редизајнирани предни светла (кои сега стандардно ќе бидат со LED технологија, а достапни ќе бидат и Matrix LED предни светла). Профилот го карактеризираат новите 17 и 18-инчни тркала, додека задниот дел добива нови црни декоративни елементи околу светлата, како и опционални LED задни светла.

Кабината добива целосно нов, 12.3-инчен дигитален панел со инструменти. Достапни се и нови режими на возење – стандардната Fiesta има Eco, Normal и Sport режими, додека Active добива и Trail и Slippery режими, а Fiesta ST добива специјален Track режим.

Централно е поставен нов 8-инчен мултимедијален уред со надграден SYNC 3 оперативен систем, како и можност за Android Auto и Apple CarPlay поврзување. Достапни се и некои нови функционалности – како на пример FordPass Connect системот му овозможува на возачот да го отклучи или заклучи возилото преку мобилен телефон, или пак да има пристап до податоци околу автомобилот. И понатаму се достапни некои премиум опции – како на пример одличниот B&O аудио уред со 10 звучници, но на пример сега можете да нарачете систем за безжично полнење на мобилен телефон.

Од аспект на безбедноста, додаден е систем за предупредување кога се движите во погрешна насока, кој препознава сообраќајни знаци. Секако, тука се и адаптивниот темпомат, системот за следење на слепа точка, итн.

Понудата на погонски единици започнува со 1-литарскиот EcoBoost со 100 коњски сили. Понатаму, тука е лајт-хибридниот 1-литарски EcoBoost со 125 или 155 коњски сили. Во зависност од одбраниот мотор, можете да го комбинирате со 6-степен мануелен менувач или 7-брзински Powershift автоматски менувач со двојна спојка. Сега за сега не е позната иднината на 1-литарскиот атмосферец, ниту пак 1.5-литарскиот EcoBlue турбодизел.

Fiesta ST добива надградена верзија на 1.5-литарскиот EcoBoost. Моторот и понатаму испорачува 200 коњски сили, но вртежниот момент скока од 290 на 320 Nm. Силата и понатаму се пренесува кон предните тркала преку 6-степен мануелен менувач, а можете да нарачате и диференцијал со ограничено пролизгување. Fiesta ST е најбрзата изведба во понудата – 100 километри на час се постигнуваат за 6.5 секунди.

Понатаму, спортската Fiesta ST добива и ексклузивна Mean Green зелена боја, а кабината добива нови спортски седишта и премиум декоративни елементи.

Првите примероци од освежаната Fiesta ќе пристигнат на почетокот на следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.