ТУРБО ТЕСТ: Ford Fiesta 1.1 70 Trend – Оправдана Фордоманија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТУРБО ТЕСТ: Ford Fiesta 1.1 70 Trend – Оправдана Фордоманија!

Ја искористивме тековната акција на Ford за набрзина подобро да ја запознаеме „основната“ верзија на новата Fiesta и да дознаеме што нуди германскиот хечбек во својата најдостапна варијанта.

Бидејќи веќе сме ја возеле новата Fiesta во неколку наврати – еднаш во Шпанија на интернационалното лансирање на новиот модел, и еднаш во Македонија кога за прв пат пристигна тука, нема да губиме премногу време на опишување на автомобилот. Го добиваме истиот оној привлечен дизајн на компактниот хечбек – на предниот дел се истакнуваат предните светла и маската на ладилникот, а на задниот дел особено ни се допаѓаат хоризонталните светла. Всушност, како и да ја гледаме, Fiesta ни изгледа некако младешки, динамично и привлечно!

Основата верзија не се разликува премногу од поскапите изведби

Trend верзијата ќе ја препознаете по недостатокот на светла за магла во предниот браник, како и челичните тркала и пластичните наплатки – инаку, нема премногу разлики со поопремените верзии. Во ред, да, недостасуваат некои од хромираните детали, но тоа и не е толку важно, ниту пак толку забележително.

Не е штедено ниту во кабината – ќе добиете управувач и менувач обложени со кожа, а на управувачот ќе најдете и команди за поважните функционалности. Единствениот детал кој „издава“ дека се работи за Trend изведбата на Fiesta е недостатокот на популарниот голем мултимедијален уред чувствителен на допир – но сепак добивате одличен радио-уред со можност за Bluetooth поврзување, како и USB полнач и носач за мобилен телефон кој можете да го користите како уред за навигација поставен на самиот врв на централната конзола.

Инаку, кабината е таа која добро ја познаваме – комфорна и просторна, со многу светлина и многу интересни детали – на пример, ни се допаднаа деталите во боја на седиштата. На располагање ќе имате 292 односно 1093 литри капацитет во багажникот – повеќе од дарежливо, со оглед на класата во која припаѓа Fiesta.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Ford Capri се враќа во форма на електричен купе-SUV

Исклучително економичен нов 1.1-литарски бензинец

Нашата тестна Fiesta дојде опремена со новиот 1.1-литарски атмосферски бензинец на Ford, кој според официјалните спецификации испорачва 70 коњски сили од 5000 до 6500 вртежи во минута и максимални 110 Nm вртежен момент од 3500 вртежи во минута. Малиот мотор го има оној карактеристичен звук на три—цилиндерски мотор, но истовремено сака и ужива да „биде завртен“ на повисоки вртежи.

Перформансите не се врескачки – забрзувањето до 100 километри на час трае 14.9 секунди а максималната брзина е 160 километри на час – но сепак се сосем доволни за автомобил кој примарно ќе биде возен низ град. Бидете во вистинскиот степен на пренос, притиснете ја педалата за гас и Fiesta подготвено ќе одговори на вашето барање.
Малиот мотор може да биде и супер-економичен – бидете внимателни со педалата за гас и потрошувачката на бензин ќе биде некаде околу 6 литри на 100 километри – и тоа во градски услови!

Во било која верзија, Fiesta е супер-забавна за возење!

Она каде Fiesta Trend е еднаква со своите помоќни и поскапи изведби е управувањето – едноставно, Fiesta не може да не е забавна за возење. Во ред, нема да се движите премногу брзо додека го правите тоа, но агилноста на германскиот компактен хечбек е неговата најсилна страна. Од друга страна, Fiesta е одлична за низ град – прегледноста, маневрабилноста и лесните контроли го прават движењето низ градскиот метеж лесно и едноставно.

Дали и во основната верзија, Fiesta го заслужува вашето внимание? Секако!

И сега, што добивате со Fiesta Trend? Добивате модерен и привлечен хечбек кој по ништо не заостанува зад своите директни конкуренти. Модерниот дизајн и привлечната кабина се одлични аргументи, а малиот бензинец иако не е најбрзиот на светот, компензира со исклучителна економичност. Повторно, вреди да напоменеме дека токму ваква Fiesta се нуди промотивно за цена од 10.990 евра во моменталната Фордоманија, а сето тоа ја прави Fiesta навистина привлечна, дури и во својата основна верзија!

Спецификации

  • Мотор: 1.1-литарски атмосферски бензинец, 3 цилиндри
  • Моќност: 70 коњски сили / 5000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 110 Nm / 3500 вртежи во минута
  • Менувач: Рачен, 5 брзини
  • Максимална брзина: 160 км/час
  • Забрзување 0-100: 14.9 секунди
  • Должина: 4040 mm
  • Ширина: 1941 mm
  • Висина: 1476 mm
  • Тежина: 1088 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2493 mm
  • Багажен простор: 292 – 1093 литри
  • Потрошувачка на 100 км: 6.1 литри (измерена, градска)
  • Цена на основниот модел: Ford Fiesta 1.1 Trend – 13.000 Евра
  • Акциска цена на тестираниот модел во рамките на Фордоманија – Ford Fiesta 1.1 Trend – 10.990 Евра
    Повеќе информации: Ford.mk
Поврзано:  Ford се согласи дека плановите за целосна електрификација до 2030 се „премногу амбициозни“

Галерија

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.