ПРЕМИЕРА: Jogger е новиот голем SUV на Dacia! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Jogger е новиот голем SUV на Dacia!

Jogger е новиот, четврт столб на Dacia и ќе се нуди покрај постоечките Spring, Sandero и Logan, како и супер-популарниот Duster.

Пропорциите се интересни – Jogger е интересна комбинација меѓу кросовер и повеќенаменско возило. Jogger ќе се нуди со пет или седум седишта, и според Dacia ќе нуди „најдобар однос на цена и простор за живеење“.

Предниот дел е идентичен со Sandero Stepway, но меѓу предните и задните врати започнуваат разликите – Jogger е цели 40 милиметри повисок, а бидејќи е 4.55 метри долг, Jogger е најдолгиот модел во понудата на Dacia.

Багажниот простор е со капацитет од 708 литри ако Jogger е во конфигурација со пет седишта, а преклопете го вториот ред и добивате огромни 1819 литри багажен простор. Седиштата се преклопуваат, или лесно се отстрануваат, за да понудат максимална модуларност.

Ентериерот е сличен на оној кај Sandero Stepway (нашиот тест можете да го погледнете тука), а ќе доаѓа и со многу стандардна опрема. Исто како и новиот Sandero, Jogger ќе се нуди исклучиво со бензински мотори, со деби на нов, 1-литарски турбо-бензинец со 110 коњски сили, а достапен ќе биде и со фабрички LPG уред. Од Dacia потврдуваат дека нема да биде достапен дизелски мотор, но комбинацијата од бензински и плински погон ќе овозможи автономија од над 1000 километри со полни резервоари.

Се очекува дека Dacia понатаму ќе ја прошири понудата на мотори и менувачи (најавен е и хибрид), бидејќи очекувањата се дека Jogger ќе им биде привлечен како на семејните купувачи, така и на оние со поактивен животен стил кои имаат потреба од вакво возило.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.