ПРЕМИЕРА: Kia го претстави целосно-новиот, европски Sportage! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Kia го претстави целосно-новиот, европски Sportage!

Пред само неколку моменти, Kia ја претстави најновата, петта генерација на Sportage – и за прв пат Sportage добива засебен дизајн специјално за европските купувачи.

Сепак, иако новиот Sportage е дизајниран во и за Европа, не е премногу различен од глобалниот модел – најважните разлики се во димензиите. Европскиот Sportage е 133 милиметри пократок од глобалниот, највеќе со цел да ги задоволи европските потреби и вкусовите на купувачите. Токму затоа, од Kia гордо кажуваат дека стајлингот, технологиите и погоните се развиени специјално за европските клиенти.

Предниот дел добива храбар, модерен лик со нова интерпретација на Tiger Nose маската. Добиваме и нови LED дневни светла како и напредни нови Matrix LED предни светла. Задниот дел е остар, со храбро-дизајнирани светлосни групи, а профилот е заострен и значително посовремен од конвенционалните SUV форми. Површините се комплексни и модерни – и навистина, новиот Sportage ветува дека и понатаму ќе биде еден од најинтересните модели на пазарот. За прв пат ќе се нуди црн кров, а на клиентите ќе им бидат достапни тркала во димензии од 17 до 19 инчи.

Кабината исто така добива темелна реинтерпретација и модернизација. Пред возачот е поставена голема закривена површина во која се поставени два 12.3-инчни екрани – едниот за инструментите пред возачот, а вториот е за мултимедијалниот уред. Системот ќе добива автоматски надградби, за сите информации да бидат свежи и релевантни. Sportage ветува и многу простор на задната клупа, а багажникот е со капацитет од 591 литар, односно дури 1780 литри со преклопени задни седишта.

Во однос на погоните, новиот Sportage ќе биде достапен со турбо-бензински, турбо-дизелски, хибриден или плаг-ин хибриден погон. Плаг-ин хибридниот Sportage комбинира 1.6-литарски T-GDI со електромотор со моќност од 67 kW и батерија со капацитет од 13.8 kWh. Вкупната, системска моќност е 265 коњски сили. Конвенционалниот, самополнечки хибрид испорачува 230 системски коњски сили со истиот 1.6-литарски турбо-бензинец и електромотор со моќност од 44.2 kW.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Kia EV3 ќе го освојува пазарот со автономија до 600 километри!

Во понудата ќе се најде и лајт-хибридна веаријанта која го користи 1.6-литарскиот T-GDI, и оваа верзија ќе нуди 150 или 180 коњски сили. За оние кои сакаат турбодизел, тука е 1.6-литарскиот CRDi кој нуди 115 или 136 коњски сили. Во зависност од одбраниот мотор, ќе може да се избере меѓу 6-степен мануелен или 7-брзински автоматски менувач со двојна спојка.

Секако, новиот Sportage ги добива сите системи за активна и пасивна безбедност кои Kia ги ма во своето портфолио. Меѓу другото, добива и напредни системи, како на пример адаптивен темпомат кој автоматски се прилагодува на ограничувањето на брзината. Добива и нова гама на режими за возење – покрај постоечките Comfort, Eco и Sport, Sportage сега има и Terrain режим кој е специјално развиен за возење на снег, низ кал или во песок.

Според најавеното, новиот Sportage би требало да пристигне на пазарот на почетокот на следната година.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.