РЕПОРТАЖА: Porsche Experience 2021 – Зад воланот на целата гама на Porsche! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

РЕПОРТАЖА: Porsche Experience 2021 – Зад воланот на целата гама на Porsche!

Деновиве Porsche Road Tour е повторно кај нас – и повторно имавме можност да седнеме зад управувачот на скоро сите возила кои Porsche ги нуди, вклучувајќи го и новиот 911 Turbo S!

Секој пат кога Porsche Road Tour ќе ја посети Македонија сме особено возбудени – бидејќи тоа значи дека ќе имаме можност да седнеме зад воланот на супер-спортските автомобили на Porsche и да поминеме еден незаборавен ден со автомобилите на германскиот производител. Досега, Porsche Experience неколку пати ја посети нашата земја, па и оваа година се тука – а дел од гамата е и новиот 911 Turbo S, како и супер-моќниот, електричен Taycan Turbo S.

718 Boxster S и 718 Cayman S

Но пред да зборуваме за најбрзите автомобили во понудата на Porsche, ајде да позборуваме и за другите модели кои беа дел од понудата. Прво ќе зборуваме за 718 Boxster S и 718 Cayman S. Веќе знаеме дека овие „близнаци“ ги двои само кровот – Boxster е верзијата со платнен кров, додека Cayman е купето. Кај овие модели средишно е поставен 2.5-литарски, четири-цилиндерски турбо-боксер кој испорачува 350 коњски сили и  420 Nm вртежен момент, кои преку PDK менувач со двојна спојка овозможуваат катапултирање до 100 километри на час за 4.2 секунди (со Sport Chrono) и максимална брзина 285 километри на час.

Двата автомобили се повеќе од доволно моќни и повеќе од доволно брзи, а акустичното уживање е уште понагласено во Boxster. Секако, има луѓе кои го критикуваат звукот на 718 Boxster откако во него се вградува турбо-полнет бензинец, но на тие ќе им кажеме – доста тресете глупости. Најмалите членови на Porsche фамилијата звучат одлично и возат одлично. Средно-поставениот мотор гарантира максимална неутралност и управливост – и потајно им завидуваме на сите среќни сопственици.

Cayenne GTS

Од тука, одиме во новиот Cayenne GTS, кој ни е достапен во „обична“ и Coupe изведба. Новиот Cayenne ни е веќе добро познат – го возевме на неговото официјално претставување на Крит, па потоа на Porsche Experience во Македонија во 2019, за истата година да го возиме и Cayenne Coupe на неговото официјално лансирање во Словенија. Сепак, сега сме зад воланот на GTS-моделите – оние кои ветуваат дека се „златна средина“.

Поврзано:   Новиот Porsche Macan ќе дебитира на 25 Јануари!

Новата генерација Cayenne GTS добива 4-литарски твин-турбо V8 кој преку 8-брзински автоматски менувач кон сите тркала испорачува 460 коњски сили и 620 Nm вртежен момент – а тоа е сосем доволно за големиот, моќен и луксузен SUV да може да катапултира до 100 километри на час за 4.5 секунди и да достигне максимални 270 километри на час. Но зошто се GTS верзиите „златна средина“? Затоа што не се Full-Fat Cayenne Turbo (кои имаат по 550+ коњски сили), но се поспортски ориентирани, со пониска суспензија и сите акроними кои Porsche ги нуди да го подобри возачкото искуство. Веќе сме кажале неколку пати – зад управувачот на Cayenne не се чувствувате како во SUV, туку баш како во спортски автомобил, а во GTS верзиите на Cayenne и Cayenne Coupe, тоа е уште понагласено.

Panamera 4S и Panamera Sport Turismo Turbo S E-Hybrid

Сега веќе можеме да зборуваме и за Panamera – која ја тестиравме во две хибридни варијанти. Едната е Panamera 4 E-Hybrid, додека втората беше моќната Panamera Sport Turismo Turbo S E-Hybrid. Оваа, втората верзија располага со системски 700 коњски сили благодарение на 4-литарскиот твин-турбо V8 и дополнителните електромотор и батерии. Перформанси? Како звучат 100 километри на час за 3.2 секунди и максимални 315 километри на час? А да, и може да помине до 50 километри на електрична енергија, без притоа да потроши ниту еден милилитар бензин. Ако постои рецепт за идеален спортски, моќен, но и ефикасен семеен караван, ова е тоа.

Плус, Panamera одлично го прави и она другото, она опуштеното. Седнете во супер-комфорното спортско седиште, ставете го автомобилот во Normal режим и уживајте во опуштеното, мирно возење. Доктор Џекил и Мистер Хајд? Совршена аналогија.

Електрична иднина – Taycan 4S и Taycan Turbo S

Океј, сега веќе ќе зборуваме за Taycan. Ова не ни е прво запознавање со Taycan – веќе го возевме за време на снимањето на Discover the Unknown документарниот филм минатата година. Но сега седнавме зад управувачот на Taycan 4S кој има 530 коњски сили, и повторно зад управувачот на Taycan Turbo S со 760 коњски сили. Ако иднината е електрична, тогаш иднината нека биде ваква – ако некој рекол дека спортските автомобили не можат да бидат електрични, не седнал зад управувачот на првиот електричен автомобил на Porsche.

Подготвеноста со која Taycan реагира на секое притискање на педалата за гас ќе ве остави без зборови. Море, и без здив! Без разлика дали сме во Taycan 4S или во Taycan Turbo S, секое притискање на педалата за гас резултира со инстантно забрзување нанапред и уште едно потсетување дека Taycan ја менува дефиницијата за „брзо“. Колку брзо? Taycan Turbo S забрзува до 100 километри на час за 2.8 секунди и неосетно постигнува брзини поради кои ревносните момци во сино со задоволство би ве разделиле од возачката дозвола за период од 3 до 12 месеци.

Поврзано:   Официјално ги доделивме наградите Златно Тркало за 2024

Конечно, новиот 911 Turbo S!

И сега, конечно, ајде да зборуваме за 911. Да, да, Porsche има и многу други модели, но 911 е оној, најважниот. За време на Porsche Experience оваа година седнавме зад управувачот на два модели – еден 911 Carrera 4S, како и моќниот 911 Turbo S. Секое седнување зад управувачот на 911 нè потсеќа дека токму во овој модел се демонстира како повеќедецениската еволуција на еден конкретен модел води кон совршенство. Ако во речник ја побарате дефиницијата за sportscar, сигурни сме дека ќе има фотографија од Porsche 911.

Што нуди 911 Carrera 4S? 450 коњски сили од 3-литарскиот турбо-боксер со шест цилиндри, кои овозможуваат „стотка“ за 3.4 секунди со Sport Chrono и максимални 306 километри на час. И ова не е ниту приближно најмоќниот модел! Од свиок во свиок, 911 повторно и повторно убедливо се наметнува како еден од најдобрите спортски автомобили на светот – и верувајте, онаа повеќедецениска еволуција за која зборувавме? Има тука нешто…

Океј, од 911 Carrera 4S одиме во 911 Turbo S. Најмоќниот. Time to put big-boy pants on. 3.8-литарскиот шест-цилиндерски боксер интимно соработува со два турбополначи, за кон сите четири тркала преку PDK автоматски менувач да испорача 650 коњски сили и 800 Nm вртежен момент. А сето тоа… А сето тоа резултира со лансирање до 100 километри на час за 2.7 секунди и максимални 330 километри на час.

Но она кое не може да се објасни со пишан збор е начинот на кој 911 Turbo S забрзува – без разлика на брзината со која се движите, при притискање на педалата за гас до под, моќниот турбо-бензинец „зема воздух“ и насилно (да, насилно) забрзува нанапред. Ефектот од сето тоа? Вашите внатрешни органи силно ќе се притиснат во возачкото седиште, очите ќе ви се забијат во задниот дел од главата а со рацете цврсто, цврсто ќе го држите воланот. Ова не е автомобил за аматери.

Поврзано:   Имате малку време од еден до друг авионски лет? Porsche ќе ве префрли со 911 GT3 RS!

А да, возевме до Гевгелија и назад. Домаќините во Casino Flamingo прекрасно нè пречекаа. Но тоа и не е толку важно. 911 Turbo S, тоа е важно!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.