41% од возачите сакаат нивниот следен автомобил да биде електрифициран – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

41% од возачите сакаат нивниот следен автомобил да биде електрифициран

Интересна анкета спроведена од глобалната организација EY откри дека голем број на корисниците на автомобили преферираат да купат електрифициранo возило како нивен следен автомобил.

EY анкетирале повеќе од 9,000 корисници од 13 земји, вклучувајќи ги САД, Канада, Кина, Германија, Австралија, Сингапур и Нов Зеланд, и ги испитале каква погонска единица преферираат за нивниот следен автомобил.

Дури 41 процент од сите испитаници одговориле дека тие сакаат елекрифицирано возило (целосно електрично, хибридно или plug-in хибрид), но бројките варираат значително во зависност од земјата.

Во САД, 66% од испитаниците одговориле дека нивното следно возило ќе има мотор со внатрешно согорување, додека само 28% изјавиле дека размислуваат за електрифициран автомобил.

Што се однесува до Европските земји, во Германија 54% од корисниците изјавиле дека би се одлучиле за идно возило со внатрешно согорување, а 38% би купиле некој вид на електрифициран автомобил.

Корисниците од Велика Британија имаат слични размислувања. Половина од нив преферираат нивниот иден автомобил да биде со внатрешно согорување, додека 40% би се одлучиле за електрифицирано возило.

Во Италија пак резултатите се сосема поинакви. Дури 63% од испитаниците одговориле дека нивниот следен автомобил ќе биде електрифициран, а само 28% би одбрале возило со внатрешно согорување.

Овие резултати се значително поразлични од анкетата на EY во Септември 2020, каде само 30% од испитаниците изјавиле дека нивниот следен автомобил ќе биде електрифициран.

Една причина за поголемиот интерес за електрифицирани возила е дека пандемијата од COVID-19 ја зголеми еколошката свест на потрошувачите. Всушност, истражувањето открива дека 78% од купувачите на електрифицирани возила веруваат дека пандемијата ги направила еколошки посвесни.

Доколку ве интересираат повеќе информации, резултатите од целото истражување можете да ги погледнете на следниот линк.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.