Renault ја објасни во детали својата електрична стратегија – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Renault ја објасни во детали својата електрична стратегија

Францускиот бренд го искористи eWays ElectroPop настанот за да ја објасни својата стратегија за електрификација.

Renault има големи амбиции кога станува збор за електрификацијата – планираат дури 10 нови возила на батерии до 2025. Меѓу нив ќе видиме нов Renault 5, нов Renault 4ever кој ќе биде реинкарнација на Renault 4 во форма на електричен SUV, како и нови комерцијални електрични возила. Најавена е и CMF-BEV платформа наменета токму за електричните возила.

Сепак, интересни се и новостите околу цените. Благодарение на многуте компоненти кои ќе се користат кај многу различни модели и ниската цена на платформата со моќност од 100 kW,  новиот Renault 5 ќе биде 33% поевтин од електричниот Zoe – а со тоа Renault најавува дека сака да ги направи електричните возила што е можно подостапни за обичните купувачи.

Сериската верзија на новиот MeganE електричен кросовер ќе пристигне следната година, а за понатаму е потврден и поголем електричен SUV. Овие две возила ќе бидат поставени на CMF-EV платформата наменета за возила од Ц и Д сегментот, и се очекува дека овие возила ќе имаат автономија од околу 580 километри според WLTP. Интересно е дека од Renault потврдија дека оваа платформа ќе ја користат и други брендови од алијансата, и дека до 2025 ќе бидат произведени околу 700.000 возила. Според најавеното, до 2025 над 65% од возилата на Renault ќе бидат или целосно-електрични или хибридни, а веќе до 2030 дури 90% од возилата ќе бидат на батерии.

Не е заборавено ниту на спортските модели – во 2024 Alpine ќе добие три електрични модели – купе, хот хеч и некаков GT. А сето ова ќе биде поддржано од новиот Renault ElectriCity екосистем на производни капацитети поставен во Франција. Трите фабрики во Douai, Maubeuge и Ruitz ќе произведуваат електрични 400.000 возила годишно до 2025. Секако, ќе се користат и други фабрики – како на пример мегафабриката на Renault во Нормандија, каде ќе се произведуваат погоните. Во соработка со трети партнери и производствени погони, Renault планира да произведе 1 милион батерии за сите брендови во алијансата до 2030. Амбициите на Renault се да ги намали трошоците за батерии за 60% за помалку од 10 години.

Поврзано:   ТЕСТ: Renault Megane E-Tech EV60 Iconic - Megane за новите времиња

Сето ова значи дека францускиот бренд не само што забрзано ќе се трансформира, туку дека ќе придонесе и за забрзана електрификација на другите брендови во алијансата – а со најавените Renault 5 и 4ever можеме да очекуваме и навистина кул и авангардни дизајни кои ќе евоцираат спомени на минатото, но и ќе ја покажат насоката на идните модели на Renault. Со нетрпение ги очекуваме!

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.