ПРЕМИЕРА: Ferrari 296 GTB – Нов италијански хибриден суперавтомобил со 830 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Ferrari 296 GTB – Нов италијански хибриден суперавтомобил со 830 коњски сили!

Новиот 296 GTB е поставен над F8 Tributo – но го заменува неговиот V8 за хибриден V6 погон кој системски испорачува 830 коњски сили!

Колку е важен новиот 296 GTB? Па, што ако ви кажеме дека ова е првиот Ferrari со шест цилиндри по 70-тите години од минатиот век? Всушност, ова е првиот „уличен“ Ferrari со V6, ако се потсетиме дека Dino технички не носеше Ferrari значка. Ferrari гледа цврсто кон иднината и кажува дека 296 GTB е „најзабавниот автомобил за возење во нашето портфолио на продукти.“

Во ред, но каков е хибридниот погон? Па, моќниот twin-turbo V8 од F8 Tributo е заменет со twin-turbo V6 кој самиот испорачува 663 коњски сили, односно импресивни 221 коњска сила на еден литар зафатнина. Во соработка со електромоторот и батериите, 296 GTB системски располага со моќни 830 коњски сили и 740 Nm вртежен момент. Според Ferrari, ова му овозможува на моќното купе да катапултира до 100 километри на час за само 2.9 секунди и до 200 километри на час за 7.3 секунди. Максималната брзина? Повеќе од 330 километри на час!

Набрзина малку и за хибридниот систем – покрај 2.9-литарскиот V6, тука е и електромотор кој испорачува 167 коњски сили и 315 Nm вртежен момент. Електромоторот е поставен меѓу конвенционалниот мотор и менувачот, а „струја“ добива од батериски модул со капацитет од 7.45 kWh. Овој систем му овозможува на 296 GTB да помине до 25 километри на електрична енергија.

Дизајнот влече инспирација од SF90, но од Ferrari напоменуваат дека инспирација барале и во 250 LM тркачкиот автомобил од 60-тите години. Дизајнот го дефинираат чисти и јасни површини, како и остри линии – но и целосно отсуство на непотребни детали. Навистина ни се допаѓа! Кабината е дефинитивно ориентирана кон возачот – нема централен мултимедијален уред, туку сите контроли и команди се на дигиталниот дисплеј поставени пред управувачот.

Поврзано:  Трофеј за Иџе на првиот настап со новото Ferrari!

Чистиот дизајн е резултат на напорната работа на дизајнерите – но и на инженерите. На задниот дел е поставен голем активен спојлер кој овозможува импресивни 360 килограми потисна сила при 250 километри на час. Секако, многу внимание е посветено и на намалувањето на тежината, па 269 GTB тежи само 1470 килограми. Тоа е 35 килограми повеќе од F8 Tributo, но сепак е незначително во однос на перформансите и зголемената моќност на 296 GTB.

За оние кои сакаат нијанса полесен автомобил, тука е Asseto Fiorano пакетот кој вклучува напредни амортизери, уште повеќе карбон, задно ветробранско стакло од лесни композитии и супер-лепливи Michelin Cup 2 R пневматици. Овој пакет ја намалува тежината за 12 килограми, а ако се чувствувате особено богати, можете да доплатите за карбонски тркала кои се за 7 килограми полесни.

Колку ќе чини сето ова? Пааа… Не знаеме. Ама изгледа спектакуларно, нели?!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.