full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: BMW ја претстави новата Серија 4 Gran Coupe!

Новото купе со четири врати на BMW ветува подобри перформанси, подобрена динамичност, нови и моќни мотори и екстровертен дизајн.

Првата – и најзабележителна – работа кај новата Серија 4 Gran Coupe е токму екстериерот. Новиот автомобил е долг 4783 милиметри, широк 1852 милиметри и висок 1442 милиметри – и всушност е поголем, поширок и повисок од моделот кој го заменува, а зголемени се и трагот на гумите, како и меѓуоскиното растојание. Од BMW кажуваат дека има експресивен преден дел, нагласено-купеовска елегнатна силуета и моќен заден дел.

Кабината е скоро идентична како кај Серија 4 Coupe – односно добиваме супер-напреден систем за информирање пред возачот со дијагонала од 12.3 инчи, како и централно-поставен инфозабавен дисплеј со дијагонала од 10.3 инчи. Секако, и 4 Gran Coupe ги добива сите напредни системи за асистенција и безбедност кои ги добиваат и останатите модели на баварскиот производител.

Понудата на мотори опфаќа три турбо-бензински мотори и еден турбодизел. Понудата на бензинци ја сочинуваат 420i, 430i и M440i xDrive. Првите две верзии користат 2-литарски турбо-бензинец кој испорачува 184 коњски сили и 300 Nm вртежен момент, односно 245 коњски сили и 400 Nm вртежен момент.

Двете верзии доаѓаат со погон на задните тркала. Изведбата која е „дотерана“ во соработка со M-дивизијата користи линиски турбо-бензинец со шест цилиндри со зафатнина од 3 литри, кој испорачува моќни 374 коњски сили и 500 Nm вртежен момент. Најмоќната верзија има и xDrive погон на сите четири тркала и забрзува до 100 километри на час за 4.7 секунди и постигнува максимални 250 километри на час.

Доколку сакате турбодизел, тука е 420d кој може да се комбинира со погон на задните или xDrive погон на сите четири тркала. Ефикасниот и модерен турбодизел испорачува 190 коњски сили и 400 Nm вртежен момент и овозможува забрзување до 100 километри на час за 7.3 секунди.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.