ПРЕМИЕРА: Lamborghini го претстави новиот Huracán Super Trofeo EVO2 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Lamborghini го претстави новиот Huracán Super Trofeo EVO2

Lamborghini го претстави тркачкиот Huracán Super Trofeo EVO2, кој од следната година ќе се натпреварува во сопствена тркачка серија, а исто така го најавува изгледот на идните сериски модели.

Super Trofeo EVO2 доаѓа со поагресивен преден дел со потенки LED предни светла и воздушни завеси, слични како оние на Sian. Тркачкиот модел добива и „Омега“ преден спојлер, сличен на Huracán STO.

Од страна се забележуваат вентилирачки предни крила, агресивни отвори за воздух и проширени задни крила. Задниот дел е значително изменет и доаѓа со нови светла, голем заден спојлер од карбон и модифициран дифузер.

Според директорот за дизајн на Lamborghini – Митја Боркерт, новиот Huracán Super Trofeo EVO2 претставува футуристички естетски пристап кој располага со дизајнерски елементи како идните сериски автомобили, кои ќе бидат претставени во следниве години.

Покрај естетските измени, тркачкиот суперавтомобил е опремен со надграден систем за сопирање, кој добива нови клипови и поголеми плочки. Челичните предни дискови се пораснати во големина на 390 милиметри, што е зголемување за 10 милиметри.

Перформансите извираат од природно аспириран 5.2-литарски V10 агрегат со 620 кс, усогласен со шест-степена секвенцијална трансмисија, која ја испорачува силата кон задните тркала.

Цената на поседување на еден примерок на Huracán Super Trofeo EVO2 ќе започнува од 250,000 евра без данок.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.