Дивизијата на Ред Бул за развој на мотори го привлекува вниманието на голем број вработени од другите тимови на Ф1.
Еднаш веќе пишувавме за новата дивизија во рамките на Ред Бул која е задолжена за развој на мотори. Сега пристигнаа информации дека Ред Бул има закажано 5 состаноци за вработување на врвни инженери. Четири од се од Mercedes-Benz High Performance Powertrains дивизијата која ги изработи моторите за сегашниот Мерцедес болид, како и моторите кои ги земаа последните 7 шампионски титули.
Стив Блевет е предложен за продукциски директор, Омид Мостагими за директор на електроника, Пип Клод директор за механички дизајн, и Стив Броди за лидер на тимот. Антон Мајо е уште еден вработен кој досега бил надворешен соработник на Мерцедес, а сега ќе биде директор за дизајн на мотори.
Тие ќе се придружат на Бен Хочкинсон во Red Bull Powertrains, кој беше директор на механички инженеринг во Мерцедес. За која веќе имаме информација од изминатиот месец дека преминува во Ред Бул.
Целта на ваквиот тим е да се доработи моторот на Хонда за следната сезона, како и да се претстави сосем нов Ред Бул мотор во 2025та година, кој ќе биде развиван директно од Ред Бул.
Според Кристијан Хорнер – „јасно е дека ако сакаме успех, круцијално е да се донесе најдобриот и најспособниот талент во тимот. И секако да се овозможи што е можно подобри услови за работа, и најдобриот алат што постои. За нас е многу позитивно што се наоѓаме во Британија како и повеќето успешни тимови, па поедноставно е пронаоѓањето на таленти.“
Автор: Дејан Маликовски