Maserati ја претстави хибридната варијанта на Levante – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Maserati ја претстави хибридната варијанта на Levante

Maserati направи нов чекор во електрифицирањето на својата гама со претставувње на хибридната варијанта од моделот Levante на автомобилскиот саем во Шангај.

Електрифицираниот Levante е всушност првиот хибриден SUV модел на Maserati, а е погонуван од 2.0-литарски четири-цилиндарски агрегат усогласен со 48-волтен стартер-генератор и осум-степена автоматска трансмисија.

Оваа конфигурација произведува вкупно 330 кс и 450 Nm вртежен момент, кои ги испорачува кон подлогата исклучиво преку погон на сите тркала.

Според Италијанскиот бренд, новиот Levante Hybrid со неговите 2090 килограми е полесен од шест-цилиндарските верзии со бензински и дизел мотори и доаѓа со подобра распределба на тежината бидејќи неговата батерија е сместена во задниот дел.

Забрзувањето од 0-100 км/ч трае 6 секунди, додека максималната брзина, која може да ја постигне изнесува 240 км/ч. Производителот исто така ветува дека електрифицираниот модел ќе звучи како вистински Maserati.

Новиот Levante Hybrid има минимални визуелни разлики со верзиите со внатрешно согорување. Тие се однесуваат на неколкуте украсни елементи со сини детали, вклучувајќи ги страничните отвори за вентилација и тризабестата ознака на Ц-столбот. Истите сини детали можат да се најдат и во ентериерот на везените ознаки на седиштата.

Најновиот Maserati Connect мултимедијален систем беше претставен како дел од неодамнешното освежување на Levante, а користи 10.1-инчен екран на допир со висока резолуција и дизајн без рамка. Новиот систем е базиран на оперативниот систем Android Automotive и останува секогаш поврзан.

Корисниците можат да одберат дали ќе ја користат апликацијата Maserati Connect App или виртуелен персонален асистент како Alexa на Amazon или Google Assist за да останат во контакт со возилото.

Покрај сето тоа, Launch изведбата од новиот Maserati Levante Hybrid доаѓа со нова три-слојна металик сина боја како опција, наречена Azzuro Astro, која ќе биде достапна преку програмата за персонализирање Maserati Fuoriserie.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.