Електричниот подбренд ORA на Кинескиот производител Great Wall го претстави својот клон на легенданиот модел на Volkswagen.
Кога германскиот бренд го прекина производството на моделот Beetle во 2019, кружеа шпекулации дека истиот ќе биде „прероден“ како електрично возило со четири врати и ретро-инспирирани дизајнерски елементи.
Се чини дека ORA ги запишале овие шпекулации и ги оствариле во реалност кај нивниот клон, претставен на автомобилскиот саем во Шангај.
Како што може да се види, моделот е јасно инспириран од класичниот Beetle и има заоблен преден поклопец и кружни светла. Ископираните елементи не застануваат тука, бидејќи автомобилот се одликува со многу слични пропорции и е опремен со речиси исти браници.
Дизајнерските елементи од Beetle продолжуваат и на задниот дел, каде се интерпретирани во помодерен стил од оргиналниот автомобил.
Дури и ентериерот зема инспирација од оргиналниот модел, така што воланот е модерна копија од оној кој се користеше во моделот на Volkswagen.
Сепак, тука сличностите завршуваат бидејќи електричниот новитет има отвори за вентилација со дизајн на турбини, како и значително пошироки екрани за мултимедијалниот систем.
Иако од надвор делува како не доволно успешна модернизација на класичниот Beetle, мораме да признаеме дека дизајнот на кабината изгледа одлично и дека е идеална комбинација на ретро и модерни елементи.
Дали и како Volkswagen ќе одговори на оваа провокација на ORA останува да видиме. Сепак, ние се надеваме дека во блиска иднина германскиот производител ќе претстави официјална нова генерација на Beetle.