dÄHLer го „налути“ и засили BMW 128tii на 313 коњски сили – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

dÄHLer го „налути“ и засили BMW 128tii на 313 коњски сили

Швајцарскиот тјунер подготви тјунинг пакет за спортската верзија на BMW Серија 1, кој го нарече 128tii по лимитираната серија на моделот 2002 tii.

Пакетот започнува со засилување на 2.0-литарскиот четири-цилиндарски турбо-бензинец, кој од фабрика излегува со 265 кс и 400 Nm вртежен момент.

Благодарение на инсталирањето на нов издувен систем од не’рѓосувачки челик со вентили и керамички обложени издувни цевки, како и репрограмирање на компјутерската единица, моделот BMW 124tii произведува 313 кс и 500 Nm вртежен момент.

За подобро „лежење“ на патот, dÄHLer го опремиле спортскиот компакт со прилагодлива коиловер суспензија, која овозможува детално прилагодување на компресијата и одбојот на амортизерите, како и висината на возилото.

Според dÄHLer сопирачките со кои што стандардно доаѓа моделот 128ti биле импресивни, па не ги промениле. Над нив се монтирани нови ковани ултра-лесни фелни со димензии 20х8 инчи обвиени во 245/30 Michelin Pilot Sport 4 s пневматици.

За дотерување на изгледот понудени се цела палета на делови. На предниот дел е додаден нов сплитер, позади има голем кровен спојлер, а над целиот автомобил е поставена сребрена тркачка лента. Промените во ентериерот вклучуваат алуминиумски педали, нови патосници, како и нови тапацири на седишата.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.