ПРЕМИЕРА: Alpina ја претстави својата верзија на BMW Серија 8 Gran Coupe! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Alpina ја претстави својата верзија на BMW Серија 8 Gran Coupe!

Новиот Alpina B8 Gran Coupe извлекува 620 коњски сили и 800 Nm вртежен момент од 4.4-литарскиот твин-турбо V8!

Моделите на Alpina секогаш биле интересни, а приказната само се потврдува со новиот B8 Gran Coupe. Изграден врз одличниот BMW 850i Gran Coupe, новото големо купе со четири врати на Alpina го користи истиот 4.4-литарски твин-турбо V8, но навиен да испорачува 620 коњски сили и 800 Nm вртежен момент. Според Alpina, 100 километри на час пристигнуваат за 3.4 секунди, додека максималната брзина е 323 километри на час.

Автомобилот има и надграден систем за ладење кој вклучува три надворешни единици за ладење на разладната течност, нов поголем ладилник за течноста за менувачот, како и специфични интеркулери. Дополнително, B8 Gran Coupe добива и дополнително нагодена суспензија со Eibach пружини, надградени стабилизатори и поцврсти компоненти. Дел од приказната се и диференцијал со ограничено пролизгување и управување на задните тркала.

Доработките на екстериерот вклучуваат нов преден сплитер со Alpina лого, нов заден дифузер и нов заден спојлер, како и нови бои. Тука се и големите (дури за нас и малку преголеми), 21-инчни Alpina Classic тркала обвиени во пневматици од Pirelli, зад кои се кријат Brembo сопирачки со 396-милиметарски дискови на предните, односно 399 милиметарски дискови на задните тркала.

Кабината добива специјален Aplina управувач, осветлени панели на вратите и кристален iDrive контролер со специјално Alpina лого. Секако, можете да ги добиете сите луксузни елементи кои веќе се нудат кај Серијата 8.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.