ПРЕМИЕРА: Mercedes-Benz ја претстави новата C-Class! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Mercedes-Benz ја претстави новата C-Class!

Mercedes-Benz тукушто ја претстави новата C-Class, која кажува ауфвидерзен на 6 и 8-цилиндерските мотори, но воведува електрификација и презема технологии од знаменосецот S-Class.

Новата „Це-Класа“ ги следи дизајнерските насоки од поголемите модели на Mercedes-Benz. Како и кај другите модели, површините се измазнети а линиите поедноставени. За прв пат кај C-Class задниот дел има дводелни светла – исто како кај поголемите E-Class и S-Class. Предниот дел е заострен, со издолжени и остри предни светла, но гените на Mercedes-Benz се јасно-препознатливи.

Вистинската трансформација е во кабината, каде новата C-Class е „S-Class во мало“. Пред возачот е поставен еден дигитален екран, а на централната конзола уште еден, како кај S-Class. Во зависност од изведбата, ќе има 12.3-инчен дисплеј пред возачот и 11.9-инчен дисплеј на централната конзола, односно 10.25 инчен дисплеј пред возачот и 9.5-инчен дисплеј на средината. Од друга страна, зголемените димензии и продолженото меѓуоскино растојание ветуваат повеќе простор и уште понагласен комфор во кабината.

Ајде сега малку за моторите. Следејќи ги трендовите за намалување на капацитетот на моторите, Mercedes-Benz им кажува ауфвидерзен на 6 и 8-цилиндерските мотори, барем во цивилните изведби на новата C-Class (останува да видиме што ќе крие под хаубата новата AMG-изведба). Основниот мотор сега за сега е C200 (кој може да се комбинира со 4Matic погон на сите четири тркала) кој користи 1.5-литарски турбо-бензинец со 201 коњска сила и 300 Nm вртежен момент, плус интегриран стартер-генератор за лајт-хибридна комбинација. Верзијата со погон на четири тркала достигнува 100 километри на час за 7.1 секунда.

Дополнително, во понудата ќе биде додаден и C180 кој ќе го користи истиот мотор, но со 167 коњски сили и 250 Nm вртежен момент. Врв на бензинската понуда сега за сега ќе биде C300 кој користи 2-литарски турбо-бензинец со 255 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. Исто како и другите бензинци, и овој мотор користи лајт-хибридни технологии.

Поврзано:  Мак Аутостар ја зголемува понудата со подолгиот Citan Tourer Long

Европските купувачи ќе ги добијат и дизелските C200d, C220d и C300d, кои користат 2-литарски турбодизел и лајт-хибриден погон. Во зависност од изведбата, моторот испорачува 161, 197 или 261 коњска сила, односно 380, 440 или 550 Nm вртежен момент.

Конечно, европските купувачи ќе го добијат и плаг-ин хибридниот C300e кој комбинира 2-литарски турбо-бензинец со електромотор и батерии за вкупна системска моќност од 308 коњски сили и 550 Nm вртежен момент. Батеријата со капацитет од 25.4 kWh овозможува авономија на струја од 100 километри според WLTP мерењата.

Сите мотори се поставени надолжно, со цел да се задржи конфигурацијата по која се препознатливи седаните на германскиот бренд. Интересен новитет е дека Mercedes-Benz целосно ги укинува мануелните менувачи – новата C-Class ќе биде достапна само со новиот 9G-Tronic 9-брзински автоматски менувач.

Како и досега, C-Class ќе може да се добие како седан или караван. За прв пат ќе биде достапно управување на задните тркала, а новата C-Class ќе ги добие и сите врвни технологии кои се дел од MBUX системот на Mercedes-Benz. Ќе го споменеме интелигентното дигитално осветлување кое проектира информации на патот пред возилото, како и многуте други супер-напредни технологии.

Новата C-Class ќе биде достапна во Европа веќе во Март.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.