Tesla Model S добива затегнат дизајн, уште поекстремни перформанси и тотално футуристички ентериер! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Tesla Model S добива затегнат дизајн, уште поекстремни перформанси и тотално футуристички ентериер!

Tesla конечно го претстави освежувањето за Model S – кој добива ревидиран дизајн на екстериерот, нови опции за погонот, како и радикално-изменет ентериер!

Ајде прво за кабината, бидејќи таму измените се најрадикални – централната конзола добива нов централен дисплеј сличен на оние кај Model 3 и Model Y. Според Tesla, резолуцијата на новиот 17-инчен дисплеј е значително подобрена, а самиот систем е пореспонзивен и со попривлечни бои и графички елементи. Пред возачот е поставен 12.3-инчен панел со инструменти, но сепак, најголемото внимание оди кај управувачот.

Tesla го исфрла конвенционалниот кружен управувач и во Model S ќе вградува управувач кој како да потекнува од авион. Tesla ваков управувач користеше за новиот Roadster Concept, но сега го гледаме во финална верзија. Нема конвенционални „рачки“ за трепкачите – сите тие команди ќе се користат преку копчиња поставени на самиот управувач. Кабината добива и редизајнирани задни седишта, како и нов дисплеј поставен пред задните седишта наменет за патниците.

Екстериерот добива редизајниран преден браник, нови алуминиумски тркала и уште неколку ситни измени кои иако не се драстично, доволно го освежуваат веќе стариот модел на Tesla.

Мали корекции има и кај погонските конфигурации. Dual Motor Long Range и понатаму ќе биде основен модел, но Performance моделот е заменет со Plaid моделот, Model S ќе добие и нова Plaid+ изведба која ќе добие нови батериски модули. Новите батериски модули ќе му овозможат на Model S Plaid+ да помине повеќе од 830 километри со едно полнење, но и забрзување од 0 до 96 километри на час за само 1.99 секунди.

Истите измени ќе ги добие и SUV модел на Tesla – големиот Model X. Производството на освежените модели се очекува да започне за неколку седмици.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.