Porsche Taycan 4S постави нов Cannonball рекорд за електрични возила – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Porsche Taycan 4S постави нов Cannonball рекорд за електрични возила

Тим од автомобилски новинари со Porsche Taycan 4S постави нов рекорд во возење долж целата ширина на територијата на САД.

Тимот со помош на Porsche Taycan 4S извозе од Њу Јорк до Калифорнија за 44 часа и 25 минути. Водечкиот возач – Кајл Конер e истиот кој го постави претходниот рекорд позади воланот на Tesla Model 3 Long Range. Заедно со Дру Питерсон и Тимен Шрур го поминале целиот пат со просечна брзина од 103 км/ч.

Рекордот не е импресивен само поради брзината, туку и поради послабо распространетата мрежа на станици за полнење на батериите на Porsche во споредба со Tesla во Соединетите Американски Држави.

Исто така, тимот се соочил и со една неочекувана потешкотија, а тоа е грешка во GPS системот на Taycan, кој им покажувал дека се наоѓаат на погрешна локација. Тоа ја попречило работата на системот кој ги загрева батериите на идеалната температура за најбрзо полнење, кога ќе осети дека е во близина на станица за полнење.

Сепак, се чини дека тимот го надминал овој проблем и го поминал патот од Њу Јорк до Калифорнија за еден час помалку од Model 3 – и пристигнале на дестинацијата на новогодишната вечер.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.