Mercedes-Benz го претстави супер-футуристичкиот MBUX Hyperscreen кој за прв пат ќе се вградува во електричниот EQS седан.
Новиот, 56-инчен закривен панел ќе биде поставен „од столб до столб“. MBUX Hyperscreen користи напреден систем со вештачка интелигенција, кој самиот ги учи навиките на возачот и се прилагодува кон неговите желби и начини на користење на возилото. Дополнително, системот го поедноставува користењето преку поставување на најважните функционалности на самиот врв во сите ситуации. Системот користи 8 процесорски јадра, има 24 гигабајти RAM и ги опслужува сите други системи во автомобилот. Од Mercedes-Benz кажуваат дека MBUX Hyperscreen е мозокот, но и нервниот систем на автомобилот.
Gorden Wagener, одговорниот за дизајн во Daimler е особено горд. Тој изјави дека „со MBUX Hyperscreen, дизајнерската визија станува реалност. Ги спојуваме технологијата и дизајнот на фасцинантен начин кој му овозможува на корисникот досега невидена леснотија на користење. Ја сакаме едноставноста, а постигнавме сосем ново ниво на MBUX со новиот систем.“
Всушност, во самиот панел се вградени неколку засебни екрани. Самиот панел е во црна боја, а под него има амбиентално осветлување. Има засебен дисплеј и за совозачот, кој е активен само доколку некој седи на совозачкото седиште. Од друга страна, системот е поврзан со возачкиот профил и ги учи неговите навики, па врз основа на наученото, ќе препорача специфични функционалности – музика, телефонски повик, итн…
Но системот оди и чекор понатаму. На пример, ако на некоја специфична локација го „подигнете“ автомобилот преку воздушната суспензија за да преминете некоја препрека, MBUX ќе ја запомни локацијата и следниот пат тоа ќе го направи автоматски. Системот помни до 7 различни профили на корисници, и за секој корисник ќе понуди засебно, индивидуализирано искуство.