ТЕСТ: SEAT Leon 1.5 TSI DSG FR – Технолошка трансформација на шпанскиот бестселер! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: SEAT Leon 1.5 TSI DSG FR – Технолошка трансформација на шпанскиот бестселер!

Поради неговиот карактер, Leon секогаш заземал посебно место во својата класа, а ние меѓу првите седнавме зад управувачот на новата, четврта генерација на шпанскиот хечбек. Ајде да зборуваме за новиот Leon!

Многу малку модели се важни за еден бренд, како што Leon е важен за SEAT. Хечбекот веќе со години е „носител“ на шпанскиот бренд – не само што е најпродаваниот модел на брендот, туку можеби најдиректно и најхрабро од сите други модели ги пренесува амбициите и емоциите на SEAT. Да, тука се трендовските SUV модели кои се тука да ги задоволат желбите на купувачите, но вистинскиот скапоцен камен во гамата на SEAT е токму Leon. И токму затоа, кога станува збор за Leon, едноставно нема простор за правење грешки. А инженерите и дизајнерите на SEAT многу, многу добро го знаат тоа.

Значи, новиот Leon. Добар ден, Leon. Новиот Leon е поставен на истата, MQB платформа, но со себе носи многу значителни подобрувања – од новиот (и навистина радикално различен) дизајн, преку продолженото меѓуоскино растојание, новиот ентериер и новите погонски варијации, Leon оди скалило погоре – не само во хиерархијата на Volkswagen групацијата, туку и во сегментот во кој припаѓа.

Сите генерации на Leon имаат свој, препознатлив дизајн.

Пристапот кој SEAT го има со дизајнот на своите автомобили е интересен – и несекојдневен во автомобилската индустрија. Ако повеќето производители намерно градат врска од генерација во генерација на еден модел, SEAT како да е доволно самоуверен и целосно го прескокнува тој пристап. Ако наредиме по еден примерок од сите четири генерации на Leon еден до друг, ќе забележиме дека – да, тие имаат некоја семејна врска и некои дизајнерски детали кои се провлекуваат низ генерациите, но во целина, дизајните темелно се разликуваат. Токму таков е пристапот и со најновата, четврта генерација. На предниот дел доминираат „налутените“ предни светла и маската на ладилникот, како и широкиот и длабок преден браник кој само ја потврдува динамичноста.

Ако го погледнеме профилот на Leon, тогаш ќе препознаеме форми кои „го пресекуваат“ автомобилот – од карактерната линија која оди од предниот до задниот дел, па сè до комплексните форми на задните врати и „исфрлените“ рамења над задните светла. А задниот дел? На задниот дел едноставно доминира светлосниот потпис на Leon – хоризонталната LED лента која ги спојува задните светла на Leon му дава уникатен и препознатлив идентитет кој „сакале-нејќеле“ ќе го забележите на улиците.

Ако имаме некакви забелешки на дизајнот – тоа се лажните завршетоци на издувниот систем (тренд кој се надеваме дека наскоро ќе биде надминат) и тоа би било тоа. А од друга страна, особено ни се допаѓаат 18-инчните тркала на овој FR модел – изгледаат модерно и динамично, без притоа да ја имаат онаа вулгарна, „тјунерска“ комбинација на бои.

Сè на сè – дизајнерски, новиот Leon е полн погодок. Повторно, на дизајнерите на SEAT им успева да ги привлечат младите купувачи, без да направат „пренакитен“ автомобил кој ќе изгледа застарено за само година-две.

Поврзано:   SEAT Ibiza наполни 40 години!

Технолошки-напредна кабина со многу простор.

Одиме внатре – и тука револуцијата е уште поголема. Новиот Leon – исто како и новите Golf, Octavia и A3 – ги користи сите придобивки од најновите технологии на Volkswagen групацијата. Всушност, исто како и другите модели, и Leon влегува во процес на агресивна дигитализација.

А тоа се забележува – почнувајќи од дигиталните инструменти поставени пред возачот, преку централно-поставен мултимедијален уред, па сè до малата рачка за DSG автоматскиот менувач. Зборот на денот е минимализам, преточен во дигитален пристап кон нештата – пристап кој е неизбежен и кој (откако се навикнавме на него) – ни се допаѓа.

Дигиталните инструменти поставени пред возачот се прилагодливи кон вашите желби – сакате класични кружни инструменти? Нема проблем. Сакате помодерен, дигитален приказ, или пак да ја гледате навигацијата? Повторно, нема проблем. Секако, тука е и централно-поставениот мултимедијален уред (со Android Auto и Apple CarPlay поврзување), преку кој се контролираат многуте функционалности на автомобилот.

Во ред, во ред, не сме најголеми фанови на новите, „тач“ контроли за гласноста на аудиото и температурата на клима уредот (Што им фали на традиционалните, барем илјада пати попрактични кружни контроли? Што?), но што е тука е – се навикнавме на нив, а тука се и командите на воланот, па ете, ќе ги прифатиме. Сите други работи се одлични – од брзиот, респонзивен и светол екран, до логично-распоредените функционалности. Ова е дефинитивно одлично место за припадниците на смартфоун-генерацијата – за тоа сведочат двата USB-C приклучоци во централната конзола, како и двата вакви приклучоци на задната клупа.

Плус, „од два километри“ се гледа дека инженерите и дизајнерите на SEAT посветиле многу внимание и на кабината. Лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција, спортските FR седишта нудат одлична странична поддршка, а седењето е ниско и спортско. Управувачот е обложен со перфорирана кожа (и изгледа супер) и веднаш се препознаваат спортските гени на Leon. Во кабината преовладуваат пластични површини, но тоа не е забелешка – комбинациите од бои и текстури успешно ја облагородуваат кабината. Поработено е и на звучната изолација, нешто за кое сме благодарни, особено на повисоки брзини.

Поврзано:   Cupra оди во Америка!

Немаме забелешки ниту за просторната понуда – всушност, новата генерација на Leon е меѓу најпросторните во класата. Новиот Leon е цели 10 сантиметри подолг од минатиот, а меѓуоскиното растојание е подолго за 5 сантиметри – и тоа се забележува, особено на задната клупа. На задната клупа има многу простор, како за нозете, така и за главите на патниците.

Во идеален комфор ќе патуваат двајца, а по потреба и тројца патници, а ќе имаат на располагање 380 литри, односно 1301 литар со преклопени задни седишта. Ние сме од оние кои ценат длабок багажник – кога ќе сместите нешто, нема шанса да мрдне. Плус, формата е правилна, а вратата од багажниот простор е голема, па лесно ќе сместите и поголеми предмети.

Моќен и економичен 1.5-литарски турбо-бензинец со 150 коњски сили.

Пред да зборуваме за возењето, ајде да зборуваме за моторот. Нашиот тестен примерок дојде со 1.5-литарски TSI турбо-бензинец со 150 коњски сили и DSG автоматски менувач. Дополнително, моторот има систем за деактивација на два од четирите цилиндри кога не се потребни, или пак целосно исклучување на моторот во одредени ситуации – со што се овозможува ниска потрошувачка.

Моторот нуди 150 коњски сили при 5000 вртежи во минута и 250 Nm вртежен момент од 1500 до 3500 вртежи во минута, а според официјалните бројки му овозможува на Leon да забрза до 100 километри на час за 8.4 секунди и да го однесе сè до максимални 216 километри на час.

Системот за деактивација на цилиндрите „си брка работа“ во позадина и нема ни да забележите дека работи, а сето ова резултира со градска потрошувачка која е некаде околу 8 литри на 100 изминати километри. На отворен пат, одличниот 7-брзински DSG автоматски менувач му овозможува на Leon при 120 километри на час да биде на околу 2000 вртежи во минута, па во кабината е навистина тивко.

Секое  решително притискање на педалата за гас резултира со линеарно и директно забрзување, без никакво колебање, особено во  спортски режим на возење. Во Еко режим на возење, одзивот на притискањето на педалата за гас е намерно „релаксиран“, со цел да овозможи пониска потрошувачка, но дури и тогаш – притиснете ја до крај педалата за гас и Leon е подготвен да спушти брзина-две (па и три) и да ве катапултира нанапред.

Поврзано:   Cupra оди во Америка!

Всушност, токму ова е моторот кој ние би го нарекле „Best Buy“ за Leon.

Како е зад управувачот?

Низ град, лесното серво и одличната прегледност (како и сензорите и камерите) гарантираат лесно маневрирање. Она што изненадува е дека и покрај FR-прилагодената суспензија и големите, 18-инчни тркала, не забележавме недостаток на комфор во кабината. Да, суспензијата е цврста, но не е тврда и не се пренесуваат никакви несакани вибрации во кабината.

Од друга страна, кога ќе го насочите Leon кон свиоци, тој верно ќе ги следи вашите инструкции, а навалувањето од еден свиок во друг е одлично-контролирано. Leon повторно ја продолжува традицијата – и повторно е забавен за возење. Да, електричното серво-управување не пренесува премногу информации од подлогата (карактеристика на сите модерни автомобили), но затоа е директно и прецизно, и знаете дека во сите ситуации Leon ќе оди токму во онаа насока во која ќе го насочите. Како што и очекувавме, Leon не е покажува наклонетост ниту кон подуправување, ниту кон надуправување, но искусните возачи ќе бидат наградени од талентите на платформата.

Заклучок: Кај Leon, нема простор за грешки.

Како што рековме, кога станува збор за Leon, инженерите и дизајнерите на SEAT знаат дека нема простор за грешки. Но истовремено, тие не играле на безбедната карта и не понудиле здодевен автомобил кој ќе биде добар само „на хартија“. Напротив, тие повторно нудат современ, убав и динамичен автомобил кој одлично ја игра и играта на практичност и безбедност. Трансформацијата на Leon од една генерација во друга секогаш била значителна, но овој пат Leon е навистина на сосем друго, поинакво и подобро рамниште.

Muy bien!

Спецификации

Модел: SEAT Leon 1.5 TSI 150 DSG FR
Мотор: 1.5-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 150 коњски сили / 5000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 250 Nm / 1500 – 3500 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 7 брзини
0-100 км/ч: 8.4 секунди
Максимална Брзина: 216 километри на час
Должина: 4368 mm
Ширина: 1991 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1456 mm
Тежина: 1361 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2684 mm
Багажен Простор: 380 – 1301 литри
Потрошувачка: 7.8 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: SEAT Leon 1.0 TSI 90 Style – 19.536 Евра
Цена на тестираниот модел: SEAT Leon 1.5 TSI 150 DSG FR – 25.500 Евра
Повеќе Информации: seat.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.