Новиот тркачки 911 GT3 Cup е базиран на – сè уште непретставениот – 911 GT3 и добива екстремен аеро-пакет за врвни перформанси на тркачките патеки.
Инженерите на Porsche отишле кон екстремите со развојот на новиот 911 GT3 Cup – па така 70% од каросеријата е од алуминиум, 30% е од челик, а вратите, поклопецот на моторот и задниот спојлер се од супер-лесен CFRP.
Тркачкиот автомобил е придвижуван од 4-литарски атмосферски шест-цилиндерски боксер кој испорачува 510 коњски сили на врескачки 8400 вртежи во минута и 470 Nm вртежен момент при 6150 вртежи во минута, истовремено „врти“ сè до 8750 вртежи во минута! Моторот е врзан со шест-брзински секвенцијален менувач преку кој се пренесува моќта кон задните тркала. Во зависност од шампионатот во кој ќе учествува 911 GT3 Cup, достапни се три различни издувни системи.
Инаку, 911 GT3 Cup е еден од најуспешните тркачки автомобили во историјата – од неговото лансирање во 1990-тата година, испорачани се вкупно 4251 Cup тркачки автомобили. Купувачите на тркачкиот автомобил добиваат и цел пакет додатоци – специјални алати, дистанцери потребни за прилагодување на условите на тркачката патека, како и многу други додатоци.
Новиот автомобил ќе се натпреварува во Porsche Mobil 1 Supercup, како и во Porsche Carrera Cup – но ќе се појави и на многу други тркачки настани ширум светот.