Премиера: Peugeot Landtrek дебитира во Јужна Америка – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Премиера: Peugeot Landtrek дебитира во Јужна Америка

За жал, сега за сега нема најава дека новиот пик-ап на Peugeot ќе се продава и во Европа – но бидејќи сме фанови на ваквите автомобили, се надеваме дека ќе пристигне!

Новиот, голем Peugeot Landtrek прво ќе биде лансиран во Мексико, Уругвај, Еквадор, Парагвај, Панама, Перу, Доминиканската Република, Гватемала, Хаити и Чиле, а во втората фаза ќе пристигне во Аргентина, Бразил и Колумбија. Во третата фаза ќе пристигне и во Африка, а понатаму е најавено и лансирање и на други пазари – но од Peugeot сега за сега не потврдуваат кои би биле тие.

Големиот пикап на Peugeot ќе се нуди со два мотори – едниот е 1.9-литарски турбодизел со 150 коњски сили и 350 Nm вртежен момент, а вториот е 2.4-литарски турбо-бензинец со 210 коњски сили и 320 Nm вртежен момент. Landtrek нуди и врвни модерни технологии – од систем за следење на коловозната лента, преку систем за асистенција за влечење приколка, па сè до двозонска клима, целосно интегрирање на мобилни телефони и многу, многу повеќе.

Секако, Landtrek ја следи моменталната дизајнерска филозофија на Peugeot, па препознаваме дизајнерски елементи од супер-популарните 3008 и 5008. Секако, бидејќи сепак се работи за модел кој треба да издржи експлоатација во екстремни услови, доаѓа со погон на задните или сите четири тркала (со соодветен редуктор), како и мануелен или автоматски менувач.

Пакетот делува комплетен, а секогаш има купувачи за ваквите модели. Се надеваме дека челниците на Peugeot ќе одлучат дека и Европа го заслужува Landtrek!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.