Европско деби на знаменосецот на DS – големиот и луксузен DS 9! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Европско деби на знаменосецот на DS – големиот и луксузен DS 9!

Луксузниот огранок на PSA – DS Automobiles ги отвора нарачките за својот знаменосец – големиот и скап DS 9.

На самиот почеток DS ќе го нуди DS 9 со еден турбо-бензинец со 225 коњски сили и со два хибридни погони – едниот со 225, другиот со 360 коњски сили. Според францускиот бренд, спецификациите и дизајнот на DS 9 комбинираат динамичност и елеганција – а ние мораме да се согласиме. Дополнително, додаваат дека DS 9 го означува враќањето на Франција во сегментот на премиум големи седани.

DS 9 е поставен на најновата интерпретација на EMP2 (V2.3) платформата, која овозможува огромно меѓуоскино растојание – а со тоа и врвна просторна понуда во кабината, особено за патниците на задната клупа. DS 9 користи специјални акустични техники, кои резултираат со тивка и комфорна кабина.

На самиот старт DS 9 ќе може да се добие со 225-коњски турбо-бензинец, или пак со два плаг-ин хибридни погони. Едниот е E-TENSE 225 со 225 коњски сили, а вториот е моќниот E-TENSE 4×4 360 со 360 коњски сили. Овој погон комбинира 200-коњски PureTech турбо-бензинец со два електромотори – едниот со 110, другиот со 113 коњски сили – за вкупна системска моќност од 360 коњски сили и 520 Nm вртежен момент. Оваа верзија добива и специјални сопирачки, како и 20-инчни Munich тркала од лесна легура.

Според спецификациите, оваа плаг-ин хибридна варијанта може да помине околу 50 километри на електрична енергија, благодарение на батеријата со капацитет од 11.9 kWh. Од DS најавуваат дека понатаму во понудата ќе биде додадена уште една верзија со ознаката E-TENSE 250, која ќе има уште поголема автономија на електрична енергија.

При лансирањето, DS 9 ќе може да се добие во две изведби – Performance Line + и Rivoli +. Performance Line + e ориентиран околу спортската динамичност, па добива алкантара, кристални детали, специјални опшивки и многу други луксузни елементи. Од другата страна, Rivoli + е инспириран од Tuileres четвртот во Париз и поврзува квалитетни премиум материјали со елементи во ентериерот во форма на дијаманти. Достапни се супер-квалитетни материјали, а во обете верзии многу внимание е посветено на завршната обработка.

Секако, ваквиот луксуз има и своја цена – не знаеме какви ќе бидат цените доколку DS 9 биде понуден на нашиот пазар, но во Франција цената на големиот седан започнува од 47.700 Евра, додека врвниот DS 9 Rivoli + E-Tense 4×4 360 ќе чини од 68.400 Евра.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.