full screen background image
Search

Land Rover го освежи големиот Discovery

Land Rover е во вистинска офанзива, а најновиот модел кој добива сериозно освежување е големиот Discovery – кој добива модернизирана кабина со нови технологии, нови и поефикасни мотори, како и затегнат дизајн.

Визуелните освежувања се дискретни – добиваме нов преден браник, редизајнирана маска на ладилникот, нови LED предни светла, нов заден браник, нови LED задни светла како и редизајнирана петта врата со асиметрично-поставена регистерска табличка. На многумина не им се допаѓа асиметричноста на задниот дел, но нам ни изгледа интересно и му дава на големиот Discovery препознатлив дизајнерски елемент.

Многу се позначителни измените во кабината – Discovery го добива новиот Pivi Pro мултимедијален уред кој се вградува и во другите модели на брендот, и кој носи многу функционални и ергономски подобрувања. Pivi Pro се пристапува преку голем, 11.4-инчен дисплеј, а пред возачот е поставен уште еден – исто така нов – 12.3 инчен дигитален панел со инструменти. Новиот систем овозможува лесно надградување, како и Apple CarPlay и Android Auto поврзување. Нови се и управувачот и рачката од менувачот.

Понатаму, кабината го добива системот за прочистување на воздухот кој JLR го нуди и кај другите модели, кој овозможува ефикасна филтрација на PM 2.5 честички.

Европските купувачи на располагање имаат цела гама на нови, хибридизирани погонски единици, меѓу кои се и новите 3-литарски мотори со шест цилиндри во линија. Дизелите доаѓаат во форма на D250 и D300 кои имаат по 250, односно 300 коњски сили и 570 односно 650 Nm вртежен момент. Новиот P360 турбо-бензинец испорачува 360 коњски сили и 500 Nm вртежен момент.

Поврзано:   ТЕСТ: Range Rover Evoque D150 S AWD A9 MHEV - Неуморно привлечен!

Интересен новитет се и 4-цилиндерскиот турбо-бензинец од Ingenium гамата на JLR. Овој 2-литарски мотор се очекува да испорачува 300 коњски сили и 400 Nm вртежен момент и ќе биде своевиден „основен“ мотор. Сите верзии на Discovery ќе добијат адаптивна суспензија, а оние со шест-цилиндерски мотор стандардно ќе добијат и воздушна суспензија. Секако, тука е и моќниот, напреден Terrain Response 2 систем за теренско возење кој олеснува совладување на секакви теренски предизвици.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.