Новиот SEAT Leon пристигна во Македонија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Новиот SEAT Leon пристигна во Македонија!

Најновата, четврта генерација на шпанскиот бестселер деновиве пристигна и во салонот на SEAT во Скопје!

Новиот Leon пристигна! Најновата, четврта генерација на бестселерот на шпанскиот бренд од неодамна е изложен во салонот на SEAT во Скопје. Новиот Leon носи многу новитети – од целосно-нов дизајн, преку нов, технолошки-напреден ентериер со модерни мултимедијални уреди, па сè до нови, модерни и чисти погонски единици. Дополнително, вреди да се напомене дека Leon е 86 милиметри подолг, 16 милиметри потесен и 3 милиметри понизок од моделот кој е во заминување, а истовремено е со цели 50 милиметри подолго меѓуоскино растојание – бројки кои ветуваат значително подобрена просторна понуда во кабината.

Шпанците се особено горди на новиот Leon, а и има зошто – при неговата премиера гордо кажаа дека во него се инвестирани 1.1 милијарди Евра. Инвестициите се насочени како во развој на новиот модел, така и во прилагодување на производствените капацитети на SEAT за потребите на модерниот нов Leon.

Инаку, кабината го добива SEAT Digital Cockpit панелот со инструменти, со дијагонала од 10.25 инчи. Full Link системот овозможува Android Auto или Apple CarPlay поврзување, како и можност за безжично полнење на мобилен телефон, гласовни контроли, врзување со SIM картичка за целовремена поврзаност – што пак овозможува дополнителни функционалности на системот за навигација – извештаи за сообраќај, итн.

Во однос на моторите, Leon за прв пат ги добива 1-литарските TSI турбо-бензинци на Volkswagen групацијата, кои нудат 90 или 110 коњски сили. Скалило над нив се две варијанти на 1.5-литарскиот TSI со 130 и 150 коњски сили, додека на самиот врв на бензинската понуда (сега за сега) е 2-литарскиот TSI со 190 коњски сили. Боите на дизелот ќе ги бранат две изведби на 2-литарскиот TDI – со 115 и 150 коњски сили.

Секако, тука се и лајт-хибрид варијантите на Volkswagen во форма на еTSI моторите – 1-литарскиот eTSI испорачува 110 коњски сили, а 1.5-литарскиот eTSI ќе испорачува 150 коњски сили. Обете верзии добиваат 48-волтен електричен систем и лајт-хибридни технологии и се добиваат исклучиво со автоматски менувач. Секако, следејќи ги трендовите, Leon ќе добие и плаг-ин хибридна варијанта која комбинира 1.4-литарски TSI турбо-бензинец со електромотор и батерија со капацитет од 13 kWh, за вкупно 204 коњски сили и автономија на електрична енергија од 60 километри според WLTP.

Како што напоменавме, Leon е веќе достапен и на нашиот пазар, а цените започнуваат од 19.536 Евра. За повеќе информации, посетете ја официјалната веб-страница на Seat.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.