Renault Megane eVision Concept најавува нов електричен компакт – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Renault Megane eVision Concept најавува нов електричен компакт

Францускиот бренд на настанот еWays го претстави новиот Megane eVision концепт, кој ја најавува сериската изведба што ќе пристигне следната година.

Електричкиот концепт е првиот модел на Renault базиран на модуларната CMF-EV платформа на компанијата. Според зборовите на брендот, Megane eVision целосно ќе го промени сегментот на компактни автомобили кога ќе се појави на пазарот.

Концептот користи ниско поставена батерија од 60 kWh, компатибилна со брзи полначи до 130 киловати. Сепак, од Renault не ја објавуваат информацијата за опсегот на возење. Електричниот мотор произведува 217 кс и 300 Nm вртежен момент, кои ги погонуваат предните тркала и придонесуваат за забрзување од 0-100 км/ч за помалку од осум секунди.

Според Лука Де Мео – извршниот директор на групацијата Renault – „Megane eVision ја има најтенката батерија на пазарот и располага со простор како возило од Ц-сегментот, иако се протега во должина од само 4.2 метри.“

Серискиот модел ќе пристигне во Европа при крајот на следната година и се очекува да биде понуден со батерии во различни големини и неколку варијанти на погонски единици. Доколку сè оди според планот, VW ID.3 ќе добие сериозен директен конкурент.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.