ВИДЕО: Ford специјално го прилагодува електричниот Mustang Mach-E за европските возачи! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВИДЕО: Ford специјално го прилагодува електричниот Mustang Mach-E за европските возачи!

Европските инженери на Ford го подготвуваат новиот електричен Mustang Mach-E за лансирање на нашиот континент!

Подготовките и финалните измени се прават во моментов, во тест-центарот на Ford во Lommel, Белгија. Тест-центарот на Ford е масивен – има преку 100 километри патеки, преку кои може да симулираат секакви услови за возење, а токму тоа е потребно за електричниот Mustang Mach-E да има нагласено европски карактер.

Задолжен за нагодување на возната динамика на возилата на Ford во Европа е Geert Van Noven, кој изјави дека со модерните технологии, карактерот на возилото може да се нагоди во виртуелниот свет, но дека последните, критични 10% мораат да се финализираат на вистински патишта.

Купувачите во Европа ќе можат да изберат меѓу три различни режими на возење – Whisper, Active и Untamed. Сите три режими имаат различни параметри за управувањето, респонзивноста на педалите, чувствителноста на сопирачките… Mustang Mach-E веќе финализираше неколку фази на тестирање – еден од најновите подвизи е возењето од Осло до Трондхајм во Норвешка – дистанца од 484 километри – која ја помина со уште 14% резерва во батериите.

Овој подвиг беше постигнат со Mustang Mach-E со најголемата батерија и погон на сите четири тркала, кој според WLTP мерењата може да помине 540 километри. Верзијата со најголема автономија има погон само на задните тркала и може да помине до 610 километри со едно полнење на батериите.

Според најавеното, Ford Mustang Mach-E ќе биде лансиран на европскиот пазар на почетокот на следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.