Nissan ја најавува иднината на спортските автомобили со Z Proto – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Nissan ја најавува иднината на спортските автомобили со Z Proto

Nissan Z Proto е замена за веќе праисторискиот 370Z – и доаѓа со твин-турбо V6 и мануелен менувач!

Од Nissan се прилично директни и кажуваат дека Z Proto е „целосно модерен спортски автомобил“ кој истовремено оддава почит на 50 години историја зад Z-моделите на брендот. Иако Z Proto е прототип, сепак е навистина блиску до серискиот модел кој би требало да го видиме следната година.

Веднаш ги препознаваме оние легендарните форми на првиот Z од далечните 70-ти години – преку доооооолгиот преден дел и овалните предни светла, па сè до краткиот, засечен заден дел и специфичната боја. Одговорниот за дизајн во Nissan – Alfonso Albaisa кажува дека „дизајнерите направиле безброј студии и скици додека ги истражувале сите генерации и што ги направило успешни, и конечно одлучивме дека Z Proto треба да патува низ декадите, но и да води кон иднината.“

Новиот Z Proto е поставен на големи, 19-инчни тркала зад кои се кријат моќни сопирачки, а спортската нота ја заокружуваат завршетоците на издувниот систем. Од Nissan кажуваат дека Z Proto влече дизајнерски детали од многу различни Z-автомобили – како на пример задните светла инспирирани од 300ZX – но тие детали се „реинтерпретирани за модерниот свет.“

Ентериерот е модерен, со 12.3-инчен панел со инструменти пред возачот и современ мултимедијален систем. Според Nissan, за време на развојот на Z Proto соработувале и се советувале со професионални возачи за да обезбедат идеална спортска кабина за новиот автомобил, која ќе биде комфорна како на пат, така и на тркачките патеки.

Сега за сега не знаеме ништо за моторот, но од Nissan кажуваат дека секоја генерација на Z автомобилите имала повеќе моќ од претходната, па можеме да претпоставиме дека серискиот нов Z автомобил ќе има околу 400 коњски сили – а Nissan веќе има таков мотор кој го вградува во Infiniti Q60 Red Sport 400. Овој мотор испорачуива 400 коњски сили и 475 Nm вртежен момент. Секако, силата ќе се испорачува кон задните тркала преку мануелен менувач, а сигурно ќе биде достапен и некаков автоматски менувач.

Ајдe Nissan, побрзајте!

Поврзано:   Nissan планира да претстави 30 нови модели!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.