full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Aston Martin Victor е уникатен супер-автомобил со 836 коњски сили и мануелен менувач!

Q-дивизијата на Aston Martin го претстави уникатниот Victor – супер-автомобил правен по нарачка кој има 7.3-литарски атмосферски V12 кој испорачува 836 коњски сили и – верувале или не – мануелен менувач!

Приказната започнува со карбонска монокок шасија од веќе-реткиот Aston Martin One-77, која е темелно преработена и трансформирана во Victor. Под каросеријата (која патем е очигледно инспирирана од V8 Vantage од 70-тите и 80-тите години од минатиот век) се крие 7.3-литарскиот атмосферски V12 кој исто така потекнува од One-77 (каде испорачува 760 коњски сили и 750 Nm вртежен момент) – но сега е дополнително доработен од Cosworth да испорачува 836 коњски сили и 820 Nm вртежен момент! А да, и сето тоа се пренесува кон задните тркала преку мануелен менувач!

Инаку, карбонската каросерија на Victor тежи помалку од каросеријата на One-77, а во изработката се користени и елементи од тркачкиот Aston Martin Vulcan. Од Vulcan е и суспензијата, која е прилагодлива и сопственикот ќе може да одбере дали сака Victor да биде покомфорна, гранд-туринг машина, или пак екстремен тркачки автомобил. Зад големите тркала се кријат огромни, 380 милиметарски дискови на предната оска, односно 360-милиметарски на задната оска.

Кабината е исто така уникатна, и во нашите очи наликува на некаков бетмобил. Во секој случај, Victor е екстремен проект и покажува кои се вистинските таленти на Q-дивизијата. И среќни сме што постои!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.