ПРЕМИЕРА: Hyundai Elantra N Line добива 1.6-литарски турбо-бензинец со 201 коњскa силa! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Hyundai Elantra N Line добива 1.6-литарски турбо-бензинец со 201 коњскa силa!

Иако ја покажа новата Elantra пред само неколку месеци, Hyundai веќе ја официјализираше и спортската, N Line изведба!

Еден од најважните новитети кај Elantra N Line е токму 1.6-литарскиот T-GDI турбо-бензинец кој е достапен и кај други N Line модели. Моторот испорачува 201 коњска сила и 265 Nm вртежен момент, кои може да ги пренесе кон предните тркала преку 6-брзински мануелен, или пак 6-брзински DCT автоматски менувач со двојна спојка.

Дополнително, од Hyundai кажуваат дека Elantra N Line добива и неколку механички преработки и подобрувања со цел да се подобри цврстината на автомобилот и да се подобрат перформансие. Сега за сега немаме конкретни детали, но сепак претпоставуваме дека ќе добие шасиски зацврстувања, преработена суспензија која ќе биде и пониска и поцврста, како и нови сопирачки и пневматици.

Инаку, Elantra N Line добива и редизајнирани предни и задни браници, нови странични прагови и големи, 18-инчни тркала. Предниот дел е преработен за да овозможи подобро „дишење“, но истовремено, поголемите отвори за воздух ги подобруваат аеродинамиката на автомобилот и ладењето на моторот. Забележуваме и детали во црна боја, а Elantra N Line добива и интегриран заден спојлер, хромирани завршетоци на издувниот систем како и N Line заден дифузер.

Сега за сега нема официјални информации околу перформансите, ниту пак кога Elantra N Line би пристигнала на пазарот, но според досегашната динамика, најверојатно ќе пристигне до крајот на оваа година, односно на почетокот на следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.