ПРЕМИЕРА: Lamborghini Essenza SCV12 – Врескачки хипер-автомобил наменет за тркачките патеки! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Lamborghini Essenza SCV12 – Врескачки хипер-автомобил наменет за тркачките патеки!

Lamborghini ја претстави Essenza SCV12 – која ќе биде произведена во само 40 примероци и ќе смее да се вози само на тркачките патеки.

Како што кажува името, за задвижување на Essenza SCV12 е задолжен атмосферски V12 кој испорачува дури 830 коњски сили – и истовремено е најмоќниот атмосферски мотор во историјата на Lamborghini. Дополнително, тркачкиот автомобил (бидејќи, ајде да бидеме искрени – ова е тркачки автомобил!) добива издувен систем од Capristo кој ги подобрува перформансите и го истакнува звукот. Силата се испорачува кон задните тркала преку X-Trac секвенцијален менувач со шест брзини.

Сакате да зборуваме за уште импресивни детали? Секоја коњска сила придвижува само 1.66 килограми – што значи дека Essenza SCV12 тежи само 1300 килограми. Монокок шасијата е целосно направена од карбонски влакна, а потисната сила е импресивни 1200 килограми при 250 километри на час. На предниот поклопец има специјални отвори за насочување на воздухот, како и централен насочувач кој го „води“ воздухот кон отворот на кровот. Всушност, да сумираме – од Lamborghini кажуваат дека „Essenza SCV12 е ултимативната експресија на атмосферскиот V12 – симболот на нашиот бренд од 1963.“

Essenza SCV12 добива и специјални Pirelli пневматици поставени на магнезиумски тркала кои се до дијаметар од 19 инчи на предната оска, односно 20 инчи на задната. Зад нив се кријат масивни Brembo сопирачки, а купувачите ќе можат да изберат меѓу неколку тркачки дизајни на винилот на екстериерот. Кабината добива асиметрична поставеност, со мулти-функционален управувач кој е директно инспириран од управувачите во Формула 1, а според Lamborghini, Essenza SCV12 оддава почит на тркачките автомобили од минатото, но и на сегашните Huracan Super Trofeo EVO и GT3 EVO.

Купувачите кои ќе одлучат да купат примерок ќе добијат и бесплатно складирање во специјален хангар направен во Sant’Agata Bolognese – домот на Lamborghini. Секако, ќе добијат пристап и до тркачките настани на брендот, а ќе можат својот автомобил да го пробаат на било која тркачка патека во светот. Од Lamborghini најавуваат дека за следната година се предвидени неколку Arrive & Drive настани на FIA тркачки патеки, каде клиентите само ќе треба да дојдат и да ги возат своите автомобили – а техничката поддршка ќе биде директно од Squadra Corse тимот на Lamborghini.

Поврзано:   Полицијата од Дубаи додаде Lamborghini Urus Performante во својата флота


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.