ПРЕМИЕРА: Mercedes-AMG GT Black Series – 730 коњски сили за најмоќниот V8 од AMG! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Mercedes-AMG GT Black Series – 730 коњски сили за најмоќниот V8 од AMG!

По мноооооогуте најави, Mercedes-AMG конечно го претстави врвниот Mercedes-AMG GT Black Series – кој од неговиот 4-литарски твин-турбо V8 вади скоро неверојатни 730 коњски сили!

Бидејќи тие се најинтересни – ајде прво малку за бројките. 4-литарскиот твин-турбо V8 испорачува 730 коњски сили и 800 Nm вртежен момент. Силата се пренесува кон задите тркала преку 7-брзински автоматски менувач со двојна спојка кој е дополнително зајакнат за да може да ја издржи сета таа моќ – а сето тоа резултира со 100 километри на час за само 3.2 секунди, 0-200 километри на час за помалку од 9 секунди и (ако се чувствувате особено храбри) максимална брзина од 325 километри на час!

AMG GT Black Series влече инспирација директно од тркачките автомобили од GT3 и GT4 класите – па добиваме агресивен преден дел со гоооолеми отвори за воздух, агресивен сплитер и малечки крилца од страните за насочување на воздухот. AMG GT Black Series добива и нов поклопец на моторот со големи отвори за воздух, а добива и таканаречен „дабл-бабл“ кров кој е наменет да ја подобри аеродинамиката а да овозможи возачот и совозачот да можат да носат тркачки кациги. Препознаваме и карбонски странични прагови, карбонски поклопец на багажникот (на кој е поставен големиот спојлер) и уште мал милион други ситни (и не толку ситни) детали.

Задниот дел добива карбонски браник, четири завршетоци на издувниот систем и огромен (и функционален) дифузер. Предните тркала се со дијаметар од 19, задните со дијаметар од 20 инчи – а тркалата се обвиени во Michelin Pilot Sport Cup 2 R пневматици, развиени специјално за AMG GT Black Series.

Но зошто е сето ова важно? Агресивниот аеро бодикит овозможува „повеќе од 400 килограми потисна сила“ при 250 километри на час!

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Mercedes-AMG PureSpeed е специјален, супер-лимитиран роудстер со инспирација од F1

Кабината добива карбонски спортски седишта обвиени во Nappa кожа и специјални микрофибер материјали. Добиваме и контрастни шевови и детали од карбон, како и уникатен управувач и уште неколку други интересни детали. Оние кои ќе го нарачаат AMG Track пакетот ќе добијат и (супер-непрактични за секојдневно возење) безбедносни појаси во четири точки, противпожарен апарат, како и лесен безбедносен кафез изработен од титаниум.

Секако, сите верзии го добиваат AMG Traction Control регулаторот, преку кој ќе можете да одредите колку точно сакате „да бега“ задниот дел. Првото ниво е наменето за возење на мокри површини, додека деветтото ниво е наменето за лизгање во секоја кривина и безмилосно уништување на задните пневматици. Па добро. :)



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.